Седница за избор на нова влада

8 mins read

Во Собранието денеска во 11 часот треба да почне 60-та седница, со единствена точка на дневен ред Избор на Влада на Република Северна Македонија.

Новата Влада што треба да ја предводи Димитар Ковачевски ќе брои 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри.

Новиот владин кабинет ќе има еден член повеќе од претходниот – министер без ресор за дијаспора, место што и припадна на Алтернатива.

Од Владата си заминуваат осум досегашни членови, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев. Никола Димитров веќе нема да биде вицепремиер за европски прашања, Радмила Шекеринска заминува од Министерството за одбрана, а членови на Владата нема да бидат ни досегашниот министер за здравство Венко Филипче, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерката за култура Ирена Стефоска.

На нивните места треба да дојдат досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ (СДСМ) како вицепремиер за европски прашања, Славјанка Петровска (СДСМ) во Министерството за одбрана, Беким Сали од Алтернатива ќе раководи со Министерството за здравство, досегашниот министер за информатичко општество и администарција Јетон Шаќири (ДУИ) ќе го преземе Министерството за образование и наука, Јована Тренчевска (СДСМ) ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика, а Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) го презема ресорот култура.

Адмирим Алити од Алтернатива ќе биде прв човек на МИОА, а Џемаил Чупи од оваа партија е предложен за министер без ресор задолжен за дијаспората.

Во новата влада на Ковачевски останува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи (СДСМ), а ново име е Славица Грковска (СДСМ) која треба да биде вицепремиер за борба против коруција и криминал.

Со ресорот правда треба да раководи универзитетскиот професор Никола Тупанчевски (СДСМ). Во Министерството за внатрешни работи останува досегашниот министер Оливер Спасовски (СДСМ), а функциите ги задржуваат и министрите за надворешни работи, за транспорт и врски, за финансии и за економија, Бујар Османи (ДУИ), Благој Бочварски (СДСМ), Фатмир Бесими (ДУИ) и Крешник Бектеши (ДУИ). Во Министерството за локална самоуправа останува и понатаму Горан Милевски (ЛДП/коалиција на СДСМ), а нема промени и во Министерството за животна средина и просторно планирање каде останува досегашниот министер Насер Нуредини (ДУИ).

Со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе раководи Артан Груби (ДУИ). Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се враќа Љупчо Николовски (СДСМ).

Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.

Согласно собранискиот Деловник, мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на владата на седницата на Собранието, на која се врши нејзиниот избор. По програмата на мандаторот и предлогот за состав на владата, Собранието води единствен претрес. Во Деловникот е предвидено дека редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собранието на начин кој обезбедува учество на пратеници од различни политички партии застапени во Собранието. Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање.

Ковачевски вели дека владината Програма е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите во 2020 година, со тоа што во неа се вградени и економски определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и новите програмски цели произлезени од новите предизвици. Тој најави дека главни приоритети на неговата влада ќе бидат справување со енергетската криза, задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза, имплементирање на големите инфраструктурни проекти предвидени со Буџетот за 2022 година и на законските решенија одобрени во Собранието, како и евроинтеграцијата на земјава.

– ЕУ е наша стратешка цел и ние заслужуваме отворање на преговори со ЕУ, што е резултат и на четирите последователни позитивни извештаи од страна на ЕК. „Отворен Балкан”, исто така, е адресиран во Програмата, бидејќи сметам дека регионалната соработка која што се базира на европски вредности и која што заснова на четирите слободи на ЕУ исто така е застапена и ќе продолжиме кон таа регионална соработка, потенцира Ковачевски.

Во контекст на евроинтеграцијата, тој ги нагласи и заложбите за дијалог со Бугарија, кој ќе биде насочен кон иднината, кон проекти коишто значат подобро поврзување на граѓаните, на економиите, на културата помеѓу државите и на градење на една таква соработка и враќање на довербата за може да се дојде до заеднички прифатливо решение.

– Тоа решение мора да се базира на европски вредности, кое што ќе го задржи достоинството на граѓаните на двете држави и ќе овозможи Северна Македонија конечно да го добие датумот за првата меѓувладина конференција, нагласи Ковачевски.

Мандатарот вели дека при изборот на членовите на неговиот владин кабинет се водел од принципите на „исполнување на обврските, капацитетот на личностите коишто го имаат и на перформансите што ги имале во изминатиот период на водење на одредени ресори”.

– Предлогот беше таков што имаме нови министри што ќе преземат одредени ресори, имаме ротации на министри коишто од еден одат во друг ресор. Прво, заради тоа што дел од нив се покажале како ефикасни и ефективни во извршувањето на своите задачи кога го извршувале тој ресор во една од изминатите влади. Во друг случај кога одреден министер сметам дека според неговите професионални перформанси, според неговите академски остварувања и според минатото искуство одговара повеќе на друг ресор. Во однос на одредени решенија коишто остануваат во истите ресори, тоа е затоа што врз основа на направена анализа се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде што управувале, се гледа дека ги имаат подигнато стандардите на работење и ги имаат реализирано делот на оперативните и делот на капиталните инвестиции на високо ниво во однос на планот којшто го имале во текот на 2020 и 2021 година, рече Ковачевски.

Извор: МИА

Џафери молчи за предлогот една изборна единица

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Десетина компании развиваат вакцини против ковид во форма на назален спреј

Следно

Дневен хороскоп за 15 јануари: Уживаjте во животот со полна душа

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian