Сѐ што ветивме, нашите кадри исполнија, вели Арбер Адеми од ДУИ во расправата за новата влада

4 mins read

Во Собранието попладнево продолжи расправата за новата влада, каде повторно во фокусот беа енергетската криза, економскиот развој, НАТО, но и преговорите со Европската Унија.

Пратеникот Елми Азири од Алијанса за Албанците во своето излагање напомена дека граѓаните чекаат подобрувања од Владата, чекаат видливи резултати. Но, според него, овој владин состав многу тешко ќе може да донесе резултати, бидејќи не размислуваат за резултатите.

-Ако ги земеме предвид, анализирајќи ја и владината програма, ќе видиме дека има десонанца или противречености меѓу тоа што се вели во програмата, и резултатите. Програмата наликува повеќе на семинарска работа, иако тие велат дека оваа Влада ќе понуди прогрес и просперитет, таа се движи во спротивна насока, додаде Азири.

Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ во своето обраќање во Собранието посочи дека сѐ што досега ветиле, тоа и реализирале, и како што рече, кадрите на ДУИ имаат реализирано конкретни резултати кои не можат да се спорат.

-Додека во регионот имаше рестрикции и дури некои градови беа без светло, Бектеши кажа дека нема да има рестрикции. Така и испадна. Се изнајде решение и за скопското парно, и не се зголемија цените за домаќинствата, рече Адеми.

Тој додаде дека во екот на пандемијата се сочуваа над 60 илјади работни места, се намали невработеноста, се зголеми извозот, а како што рече, кадрите на ДУИ се достоинствени претставници кои имаат идеја и визија како државата да оди напред и како да се менаџира со кризите, како што е мигрантската криза, ковид пандемијата на најдобар начин.

-Владата на која и дадовме доверба во август 2020 година од оваа собраниска сала, го отвори патот за реализација на најголемиот инфраструктурен проект на Коридорот 8 за кој беше потпишан договор со познатата компанија Бехтел – Енка и исправноста на Законот за кој заедно гласавме овде, го потврди и Уставниот Суд, со што веќе се овозможи дефинирање на периодот за почеток на работниот процес во летото оваа година, додаде Адеми.

Тој додаде дека сите споменати проекти треба да бидат поттик и мотив да се продолжи со добрите дела.

-Ние сме дел од НАТО и тој сон го реализиравме со многу работа, решителност и јасна визија, сега кон новиот интегративен предизвик да работиме заедно за да ја интегрираме земјата таму каде што припаѓа, во семејството на Европската Унија. Поддршката за продолжување на работата на оваа Влада значи и реализација на оваа цел, додаде Адеми.

На крај, како што рече, граѓаните го кажаа својот збор и го поддржаа ДУИ.

Пратеничката Рина Ајдари од ДУИ рече дека владината програма ги надминала очекувањата и според неа, нема сомнение дека оваа Влада ќе продолжи со добро владеење и ќе ја реализира програмата.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во своето излагање напомена дека оваа влада е во тешка легитимациска криза.

-Се прашувам што мислат граѓаните за учество на Алтернатива во владата. Исто така, министрите кои беа носители на кандидатските листи ги нема. Се повикувате на НАТО, но ја нема министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која беше персонификација на НАТО, не знам дали е разрешена или е од лични причини, рече пратеничката Силјановска Давкова.

Според неа, најголем удар на легитимет на оваа влада, беа локалните избори. По дефиниција, како што рече, оваа влада е нестабилна или ефемерна.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бекам повторно ја бакна својата ќерка во уста, фанови го молат да престане

Следно

Балканско дерби на ЕП, Хрватска ќе се „вади“ против Србија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian