Никола Митревски вчера и се приклучи на македонската репрезентација во Дебрецин по двата негативни теста на ковид-19, но вечерва неговиот добар настап не беше доволен за ракометарите да ја забележат првата победа на ЕП 2022.
Ракометарите одиграа далеку под очекувањата и на крајот теренот во „Феникс“ Арената во Дебрецин го напуштија со наведнати глави по поразотод Црна Гора со 24:28.
– Одигравме далеку од тоа што го подготвувавме за Црна Гора. Мислам дека ова беше натпревар кој го одигравме под нашите можности, но од секој натпревар треба да се учи. Поголемиот дел од играчите имаат добро искуство, но доколку не делуваме како целина, туку како индивидуи не можеме да направиме ништо. Верувам во стручниот штаб и мислам дека се што прават е добро и има зошто го направиле тоа. сите грешевме денеска.Поразот е на цела екипа – вели Митревски кој имаше девет одбрани.
Дел од причините за поразот може да се бара и во неиграњето на Стојанче Стоилов кој еден час пред почетокот на натпреварот имаше позитивен тест на ковид-19 и тој податок делуваше изненадувачки за ракометарите.
– Секое отсуство ремети без разлика за кој станува збор, а посебно доколку тоа е Стоилов. Тоа е важен дел од репрезентацијата како на теренот така и во соблекувалната, добивме поддршка од него, како што доликува, но не изремети информацијата кога дознавме дека е позитивен на ковид-19 – додава Митревски.