Омикрон е побезопасен, инаку ќе имавме 100 починати на ден

4 mins read

Среќна околност е што сојот омикрон не предизвикува толку тешка клиничка слика, па пациентите може да се лекуваат и во домашни услови, инаку ќе беше мошне тешко здравствениот систем да се справи со притисокот на болни, кој сега главно го чувствуваат матичните лекари, вели доктор Митко Манчев, матичен лекар кој има своја ординација во струмичко Ново Село.

– Да беше сојот омикрон толку потентен и вирулентен како претходните, на пример делта, тогаш смртноста во земјава ќе беше и до 100 луѓе на ден. Среќа е што сега симптомите се полесни. Главно станува збор за горнореспираторна симптоматологија – главоболка, течење на носот, температура, болка во грлото – вели Манчев.

Брзите тестови се несигурни

Лекарот признава дека недостигаат термини за тестирање на товар на Фондот за здравство, па затоа пациентите чести се тестираат приватно, на своја рака. Повеќето тестови што ги прават од аптека се негативни.

– Брзите антигенски тестови не се многу релевантни зашто не го детектираат сојот омикрон. Во моментот златен стандард се ПЦР-тестовите – вели доктор Манчев за „Слободен печат“.

Матичните лекари се со полни раце работа. Ординациите се полни со граѓани заразени со коронавирусот, или потврдени или со симптоми, а без позитивен резултат. Се прегледуваат голем број пациенти од сите возрасни групи, од деца до највозрасните. Пациентите заразени од сојот омикрон најчесто примаат витаминска терапија, а кога има потреба и антибиотици.

Не може да се каже дека тие што прележале ковид во минатото нема да се заразат со омикрон. Сепак, Манчев има поинакво искуство.

– Меѓу заболените во мојата ординација ниеден пациент претходно не го прележал ковид-19. Има и вакцинирани и невакцинирани, а лекувањето приближно трае седум дена – додава доктор Манчев.

Д-р Пановски: Да се одложи почетокот на полугодието за две недели

Доктор Никола Пановски смета дека државната стратегија за справување со пандемијата не даде резултат, а сега е доцна за смислување нови стратегии. Тој се залага Македонија да биде првата земја во светот што ќе престане да ги користи сертификатите за ковид-19 откако се покажа дека и вакцинирани и невакцинирани може да заболат од коронавирусот и да бидат негови преносители. Пановски побара и да се одложи почетокот на второто полугодие за две недели, да се почека да помине бранот, а потоа би можеле децата да седнат во училишните клупи и без маски.

– Треба да се скрати и периодот на изолација за асимптоматските пациенти, кој сега е десет дена  – вели професорот Пановски.

И членовите на Комисијата за заразни болести размислуваа на тема да се скрати изолацијата за тие без симптоми од 10 на седум дена, меѓутоа не ја официјализираше препораката затоа што се чека да се формира нова влада и во фотелјата да седне нов министер за здравство, кој би можел да ја потпише оваа одлука.

Секој четврти тест позитивен

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, секој четврти ПЦР-тест во земјава е позитивен. Во лабораторијата на ИЈЗ со секвенционирање е откриено дека од 150 брисеви, 68 проценти биле позитивни на омикрон. Тоа кореспондира со сликата во матичните амбуланти, каде редиците за тестирање и за терапија, како и за преглед се долги.

Над 1.800 нови случаи на ковид-19, засега без дополнителни мерки

www.slobodenpecat.mk

Претходно

192 санкционирани возачи во Скопје, 37 за брзо возење

Следно

ВИДЕО | Вучиќ со критика за српските медиуми: Објавуваа лажни вести за Матеј Периш само поради кликови

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian