Лазаров: Моите играчи треба да знаат како се победува, и тоа малку ме загрижува

4 mins read

Македонскиот селектор Кирил Лазаров веќе ги подготвува своите ракометари за вториот натпревар на Европското првенство кој ќе биде в сабота од 18.00 часот во Дебрецин против Црна Гора.

После вчерашниот прв пораз во групата „А“ најдобрата македонска репрезентација се надева дека против Црногорците ќе биде подобро и ќе ја запише првата победа на ЕП.

– Вчера намерно не ја видов целосно снимката од натпреварот против Словенија, гледав 30 минути и добро направив што не ја догледав до крај. Покрај тоа што кај нас владее задоволство и позитивни вибрации, многу работи во првото полувреме, (ќе го анализираме и второто) кои што ги договаравме, не ги исполнивме, а пак бевме блиску.

Вчера спрема нашите репрезентативци сакав да бидам благ, да ги пофалам, не дека нешто ќе сменам, напротив. Ќе имаме ново видување со нив, следува видео анализа, да им укажам на индивидуалните и колективни грешки. Се договоравме да не ги понесат емоциите и да бидат фокусирани на она што е договорено, да го оставиме „шлагот“, славењето за крај, сепак се работи за една млада и неискусна екипа и како поминува времето да станат победници, да знаат како се победува и тоа малку ме загрижува, затоа што на некои договорени работи паднавме, не ги исполнивме. Но, оставивме позитивен впечаток, ми се допаѓа што јавноста е позитивна, но од друга страна тоа не сакам да ги заспие репрезентативците, туку да бидеме уште подобри и да си дадеме како задача да бидеме подобри како колектив во вториот меч против Црна Гора.

Екс членот на Вардар, Шеваљевиќ: Одиме на победа против Македонија

Не дека се плашам од Црногорците, ниту од Данска, реков дека не треба да се оптоваруваме со противниците, туку треба да се надоградуваме самите себе, значи од нас зависи дали ќе остваруваме добри резултати во иднина или не, противниците ќе бидат такви какви што се, и сè посилни, затоа што сите во Европа работат квалитетно – вели Лазаров.

Нашиот селектор кој требаше да ја има и улогата на играч, пред првиот меч со Црногорците доби повреда на првиот официјален тренинг и треба да мирува три недели.

– Можеме да коригираме, мора од ден во ден да бидеме подобри, треба фокус и концентрација во текот на сите 60 минути, тоа им го посочив на играчите. Премногу добри и лоши работи за краток период се случија, и кај Кузмановски, Талески, Горгиев, и кај Велковски, и кај поискусните играчи, мислам дека ова ќе им го кажам на позитивен начин и треба тоа да го знаат. Јас им давам и задачи, на тефтерчиња, некои од нив се срамат да пишуваат, помладите запишуваат, не дека им се наредува, но за нив е добро. Знаете како велат: „Будалата памти, паметниот запишува“. Па така, запиши си, повтори си, и ќе ти остане во главата, во свеста. Ќе мораме, доколку сакаме да бидеме конкуретни на големите натпреварувања – се зборовите на Лазаров.

Воедно нашиот стратег ги сподели очекувањата во пресрет на дуелот со Црногорците.

– Во ниту еден случај не сакам да ја потценам Црна Гора која има индивидуалци и подобри од нашата селекција, но мислам дека сме подобри како колектив. Не сакам да ги отворам картите, ривалот ќе го анализираме, има мали разлики во составот. Никогаш не се знае, вчера на нивниот дуел не очекувавме во составот да бидат Шеваљевиќ, ниту Мијушковиќ, имаа позитивни на ковид-19, се враќаат во репрезентацијата, а и ние имаме позитивни, навистина чудна ситуација. Не знаеме што да очекуваме и на што да се подготвуваме, од ден во ден се менува ситуацијата и треба да се прилагодуваме – вели Лазаров.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Општина Кавадарци поделила над 3 000 новогодишни пакетчиња, најскапо ги платиле во Новаци – по 1 400 денари

Следно

Србија ги објави новите мерки во борбата против ковид

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian