Има надеж: Се појавуваат нови лекови за ковид – СЗО одобри уште два

2 mins read

Панелот на Светската здравствена организација (СЗО) денеска препорача употреба на два лека – на фармацевтската компанија Ели Лили и на ГлаксоСмитКлајн и Вир Биотехнолоџи – овозможувајќи нови опции за лекување на пациенти со ковид-19 бидејќи варијантата омикрон на коронавирусот многу брзо се шири.

Податоците на СЗО покажуваат дека омикрон, кој ја избегнува заштитата што ја обезбедуваат многуте вакцини и терапии, е идентификуван во 149 земји. Брзо ја замени делтата како доминантна варијанта во неколку држави, принудувајќи ги владите и научниците да ја зајакнат одбраната преку тестирање, инјекции и терапии.

Какви се овие лекови?

Во четвртокот, комисијата силно го препорача лекот барицитиниб, на Лили кој се продава под брендот Olumiant, за пациенти со тешка форма на ковид-19 во комбинација со кортикостероиди, додека условно ја поддржува терапијата со антитела на ГСК-Вир за полесни пациенти, со најголем ризик од хоспитализација.

Досега, терапијата со моноклонални антитела на ГСК-Вир беше единствената што покажа ефикасност против омикрон во лабораториски тестови, додека слични третмани од Ели Лили и Риџенерон Фармасеутикалс понудија помала заштита при ваквите тестирања.

Експертите на СЗО забележаа дека сè уште е неизвесна ефикасноста на третманот со моноклонални антитела – лабораториски произведени соединенија кои ја имитираат природната одбрана на телото – против новите варијанти како што е омикрон, и рекоа дека упатствата за оваа класа лекови ќе се ажурираат кога ќе станат достапни повеќе информации.

Лек кој ја подобрува стапката на преживување

Упатствата на СЗО, објавени во Британскиот медицински журнал, исто така наведуваат дека доказите покажуваат дека барицитиниб ја подобрува стапката на преживување и ја намалува потребата за респиратор, без забележано зголемување на негативните ефекти.

Француската медицинска хуманитарна организација Лекари без граници  ги поздрави упатствата на Обединетите нации и рече дека барицитиниб може да биде потенцијална алтернатива на тековните третмани со моноклонални антитела препорачани од СЗО, кои сè уште недостасуваат во многу земји со низок и среден приход.

Лекари без граници, исто така, рекоа дека владите мора да преземат чекори за да обезбедат монополиците врз патентите да не го попречуваат пристапот до лекување.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Тешко повреден пешак на територија на Кисела Вода

Следно

ОВА НЕ ГО ОЧЕКУВАШЕ: Експерт за имиграција остро ја осуди депортацијата на Ѓоковиќ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian