Триесетина членови на ЕП бараат истрага против Вархеји

2 mins read

Триесет членови на Европскиот парламент испратија писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое бараат истрага за улогата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во помагањето на „сепаратистичките активности“ на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик во БиХ.

Во писмото европратениците, меѓу кои се и звучни имиња како француската пратеничка Натали Лоазо, Виола фон Крамон, Тинеке Стрик или пак Рајнхард Бутикофер, ја прашуваат претседателката на Европската Комисија дали улогата на еврокомесарот Оливер Вархеји е во согласност со вредностите и правилата на ЕУ.

Конкретно станува збор за односот на Вархеји со лидерот на Република Српска, Милорад Додик откако во босанските медиуми се обелодени извештај на шефот на ЕУ делегацијата во БиХ во кој се сугерира дека имало „согласност” меѓу Вархеји и Додик за чекори кои водат кон поделба на Босна и Херцеговина.

 

Европратениците сакаат од Европската Комисија да знаат дали однесувањето на унгарскиот еврокомесар е во согласност со политиката на ЕУ, дали ќе се спроведе темелна истрага за улогата на Вархеји во кризата во Босна и Херцеговина и дали ЕУ и натаму стои зад територијалниот интегритет на оваа земја.

Европската Комисија одби да одговори на прашањата на новинарите и изјави дека го задржува правото да им одговори прво на европратениците кои го испратија писмото.

-Самиот комесар после посетата на Босна и Херцеговина излезе со многу јасни изјави за напорите што треба да ги вложат политичарите во Босна и Херцеговина на патот кон ЕУ, овие изјави се целосно во согласност со позициите на Европската Комисија, изјави денеска портпаролот Ерик Мамер.

Не е прв пат еврокомесарот Вахреји да биде обвинет од страна на европски пратеници за пристрасност во неговата работа на Западниот Балкан под влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој отворено изрази поддршка за Милорад Додик и не го крие пријателството со српскиот претседател Александар Вучиќ.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шпанските власти демантираат дека има истрага против Ѓоковиќ

Следно

Џејсон Момоа и Лиза Бонет се разделуваат: Актерската двојка ја споделија веста на поетичен начин

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian