Разговор со Михаела Стевковска од „Клуб за читање книги“: Читањето е проширување видици – „кул“ е да си млад човек кој чита

4 mins read

Со оглед на тоа што недостасуваат иницијативи од млади луѓе, идејата за клуб кој ќе „собере“ критичка мисла на едно место, е повеќе од добредојдена. Овој пат разговараме со Михаела Стевковска од клубот на читатели „Клуб за читање книги“, инаку и активен член во „Младите можат“, организација која ја активира оваа благородна дејност – читање и разговор низ книгите.

Како започна целата идеја за создавање на клубот?

– Клубот започна многу спонтано. Главно, идејата е сите оние стереотипи што се поврзуваат со „Клуб за книги“ да се променат. Не би кажала дека целта ни е да ги искорениме, но некако да почнеме да создаваме нова слика не само за клубови на читатели, туку и за целата дејност на читање. Сакаме да ги инспирираме оние кои се веќе целосно внесени во светот на литературата да споделат нивни омилени книги или, пак, да споделат што точно значи за нив читањето и, пред сѐ, да им покажеме дека тоа е во ред. Во смисла – во ред е да си млад човек во нашето општество кој обожава да чита книги. Исто така, и за оние кои сѐ уште не знаат колку среќа може да донесе читањето, сакаме колку што ни дозволуваат можностите, да им покажеме колку навистина е чудесен тој свет на литература, како и светот на фантазијата.

Книгите се ретка можност за споделување светови – кој е вашиот омилен книжевен свет?

– Многу ми е тешко да изберам најомилена книга, па воедно и правец, бидејќи имам на ум три книги кои едноставно засекогаш ќе ме оставаат без зборови колку пати и да ги препрочитам и сите три се од различен правец. Книгите како „Злосторство и казна“ од Ф. М. Достоевски, „Пиреј“ од П. М. Андреевски и „Вистинскиот“ од Џон Марс, уште многу долго време ќе означуваат промена во мојот вкус за литературни дела. Кога се работи за стил, секогаш сакам да читам различни автори, но некако барем од книгите што досега сум ги прочитала, никогаш нема ништо да надмине автор кој, пред сѐ, целосниот профил на главниот лик го опишал и разработил во длабочина. Книгите, без разлика дали се од странски или домашен автор, секогаш претпочитам да се на македонски јазик.

Клуб за читање книги/Ристо Пејовски
Клуб за читање книги/Ристо Пејовски

Размената на книжевни искуства во современиот инстант-живот е реткост – што значи за вас читањето?

– Читањето за мене е еден вид бегство. Бегство, колку и чудно да звучи, од моите реални проблеми. Едноставно е еден вид терапија од која можеш да извлечеш повеќе од задоволство и мир. Читањето придонесува кон развојот на речникот на една личност, како и развојот на читателската фантазија и начинот на кој младите се изразуваат. Спокој во душата чувствувам секој пат кога читам, бидејќи тогаш најмногу се чувствувам како себе. Ми дозволува да запознаам нови личности без целиот тој процес на претставување и ракување. Да си ги проширам видиците и понекогаш да ми го насочат мисловниот процес за какви било општествени проблеми во целосно нова насока.

Која е пораката до читачите и книгољупците, кои би сакале да се вклучат во клубот?

– Да не се „плашат“ да покажат колку среќа и задоволство им носи читањето. Сакаме да увидат дека читањето не е нешто што треба да го криеме од општеството.  Младите треба едноставно да сфатат дека љубовта што ја чувствуваат кон книгите е многу поголема од кое било исмејување насочено кон таа љубов.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Денеска на ЕП, во фокусот големото дерби Хрватска – Франција

Следно

ВИДЕО | Гневна гола жена фрлаше работи од балкон во Италија, минувачите шокирани

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian