Зелените ја предложија Алиса Бах Кунке за кандидат за претседател на Европскиот парламент

3 mins read

Европратеничката од Зелените и поранешна шведска министерка Алиса Бах Кунке следната недела ќе биде кандидат за наследник на Италијанецот Давид Сасоли за претседател на Европскиот парламент, против конзервативната Малтежанка Роберта Мецола, која е фаворит на изборите.

 

-Ние се бориме за феминистичка, одржлива и демократска Европа и ги повикуваме сите европратеници да ги поддржат овие принципи, рече Алис Бах Кунке (50), европратеничка од 2019 година и потпретседател на групата на Зелените, откако нејзината група ја најави нејзината кандидатура.

Телевизиска презентерка пред да премини во политиката, беше шведски министер за култура и демократија (од 2014 до 2019 година). Таа ќе се соочи со Роберта Мецола (ЕНП, десница), Шпанката Сира Рего (Левица, радикална левица) и Полјакот Косма Злотовски (ЕЦР, евроскептици ), за да ја преземе функцијата од социјалдемократот Давид Сасоли, кој почина во вторникот. 

Мандатот на Сасоли претседател на Собранието од 2019 година, заврши овој месец, на половина од петгодишниот мандат. Изборите за негов наследник се закажани за 18 јануари во Стразбур, на пленарна седница.

Неговата група, Социјалдемократите (С&Д), втората политичка сила во Европскиот парламент, се откажа во средината на декември да претстави кандидат, отворајќи го патот за Роберта Мецола, поддржана од ЕНП, првата група во Стразбур. Сепак, претставувањето на кандидатот на Зелените веројатно ќе ги собере гласовите на европратениците кои не сакаат да ја поддржат Роберта Мецола поради нејзините позиции против абортусот.

Давид Сасоли беше доведен на чело на парламентот по договорот меѓу лидерите на ЕНП, С&Д и Ренесанса на Европа (центристи и либерали), кои ветија дека ќе го поддржат и потоа ќе изберат кандидат од ЕНП. Но, на силата на неодамнешните изборни успеси, особено во Германија, С&Д не сакаше да се откаже од своето место како што беше планирано. С&Д и Ренесанса, кои немаат кандидат, допрва треба да ја финализираат својата позиција за гласањето на 18 јануари. Двете групи денеска ги продолжија разговорите со другите политички партии и сослушувањата на кандидатите.

Изборот на претседател на ЕП е проследен со обновување на раководните позиции во парламентарните комисии и европските институции, што ги подгрева тешките преговори меѓу политичките групи. Пратеничката на Европскиот парламент од 2013 година и потпретседателката на Парламентот од 2020 година, Роберта Мецола неодамна доби видливост заменувајќи го Давид Сасоли, кој изминатата есен се повлече од функцијата поради пневмонија. Таа е и привремен претседател на ЕП до следната недела.

извор МИА 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Македонските џез формации Taxi Consilium и Kanton6 дел од бугарскиот фестивал „Аларма панк-џез“ во Софија

Следно

ВИДЕО | Сведоштво: Со години живеат во страв од насилната сосетка која 15 години не добива никаква терапија, а има шизофренија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian