Под покровителство на Светскиот фонд за природата (WWF), Младинската иницијатива во борба против климатската криза на Србија денеска во центарот на Белград го постави првиот Заеднички фрижидер во Србија, јави Бета.рс.
„Од оваа среда пред белградскиот Доркол Плац има заеднички фрижидер чија цел е да го намали фрлањето храна и да им помогне на оние на кои им е најпотребно. Првиот таков фрижидер во Србија го поставија Тамара Стојковиќ и Емилија Бојиќ во рамките на истоимената младинска иницијатива преку проектот на WWF посветен на зајакнување на младите во Србија во изнаоѓање и спроведување решенија за причините и последиците од климатската криза“, се вели во соопштението на WWF Adria.
Како што се додава, самиот фрижидер е донација од организацијата, а иницијативата ја поддржа и Банката за храна Белград, која ќе го снабдува фрижидерот со храна.