Општина Битола доби владина поддршка за справување со штетите од земјотресот

3 mins read

Вицепремиерот Љупчо Николовски и министрите Горан Милевски, Благој Бочварски и Јетон Шаќири дадоа јавна поддршка на Општина Битола за справување со предизвиканите штети од неодамнешниот земјотрес што го зафати овој град.

Според градоначалникот на Битола Тони Коњановски, високата владина делегација ја согледала состојбата во градот предизвикана од земјотресот, но приликата била искористена за обезбедување и на друга владина поддршка за тамошната локална самоуправа.

– Министрите презедоа обврска да помогнат и го прифатија нашиот повик да излезат во пресрет на барањата поврзани со подмирување на штетите. Се согласивме дека треба заеднички да дејствуваме во интерес на граѓаните, кои само во текот на вчерашниот ден имаа поднесено стотина барања за утврдување на предизвикана штета од земјотресот. На средбата со владините претставници потсетивме дека Владата се уште не ги исплатила средствата за надомест на штети предизвикани од поплавите во 2018 година, а очекуваме и забрзување на постапката за санација на мостот на реката Драгор, која е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, истакна градоначалникот Коњановски.

На прес-конференција во Битола, вицепремиерот Љупчо Николовски посочи дека институциите мора да се во служба на граѓаните.

– Владата е целосно подготвена да бидат санирани сите штети, посебно во јавните институции кои се битни за сите граѓани, како што се Клиничката болница, детските градинки и училиштата, и тие мора да функционираат. Паралелно очекуваме избраната стручна комисија да направи реални проценки за обесштетување на граѓаните кои пријавиле штета од неодамнешниот земјотрес. Оваа координација е модел како треба институциите заеднички да работаат во интерес на граѓаните, посочи Николовски.

Во изјава за медиумите министерот за локална самоуправа Горан Милевски истакна дека Владата веднаш и позитивно реагирала на барањето од Општина Битола за помош по неодамнешниот земјотрес.

– Помошта ќе се реализира на две нивоа, првото е врзано со санација на јавните институции, односно Битолската болница, која мора да биде во функција, како и детските градинки и училиштата кои иако се во надлежност на локалната самоуправа, сепак Владата треба да ги санира. Според информациите од Општина Битола штетите во селата кои се блиску до грчката граница се поголеми и затоа и таму ќе биде зголемен степенот на итност, посебно кај виталните објекти. Владата и Општина Битола соодветно ќе ги обесштетат сите граѓани, рече министерот Милевски и додаде дека ова е начинот, независно кој е власт или опозиција, заедно да работиме во интерес на граѓаните.

Министрите и пратеничките Бисера Костадиновска Стојчевска и Силвана Ангелевска, во придружба на својот домаќин, градоначалникот Тони Коњановски извршија увид на дел од оштетените објекти по земјотресот во Битола.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Англиски полицаец фотографирал голо тело на мртва жена, сликата ја споделил на „Ватсап“

Следно

Можно е натпреварот Италија – Македонија да се игра на неутрален терен!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian