Матичните лекари се заканија со штрајк: Ќе ги затвориме ординациите, ќе страдаат недолжни пациенти!

4 mins read

Матичните лекари се закануваат со штрајк и со затворање на ординациите ако не им бидат исполнети барањата што ќе му ги достават денеска на новиот директор на Фондот за здравствено осигурување. Покрај лошиот државен третман од државата во целиот тек на пандемијата, матичните лекари се огорчени поради големиот број казни за административни пропусти што ги добиле од ФЗОМ пред новогодишните празници.

– Казните се за многу лекари низ цела Македонија. Изгледа сакаат да не постои веќе матичен лекар. Ниеден млад лекар не сака да работи како матичен. Тоа е поразително за една држава на долг рок. Многу рурални амбуланти се затвораат. Матичните стареат и нема кој да ги замени. Народот особено руралното население ќе се соочи со недостиг на здравствена грижа. Ова ќе биде крах на веќе и онака гнилиот здравствен систем – вели матичниот лекар Митко Манчев, кој има своја ординација во струмичко Ново Село.

Тој е еден од стотина матични лекари кои пред празниците биле повикани во просториите на ФЗОМ итно да ја потпишат својата казна од 15 илјади денари, зашто препишал лек на 90-годишен пациент со остеопороза, а пациентот имал истечен специјалистички извештај.

– Апсурдот да е поголем, лекот чини 500 денари, а казната е 15 илјади денари! Фондот не е оштетен со тој препишан лек, зашто на пациентот доживотно ќе му треба, а немало термини за да оди на специјалист да си го продолжи извештајот – вели д-р Манчев.

Тој додава дека насекаде во светот матичните лекари во време на пандемија се наградувани затоа што секојдневно се во првите борбени редови со пациенти болни од ковид, а овде наместо награда добиваат казни.

– Ако јас се прашувам во моментов, не сакам да работам ни минута повеќе во овој гнил здравствен систем и еве кажувам, ајде сите заедно да кажеме стоп за индолентниот однос на властите кон матичните лекари. Крајно време е за штрајк – вели доктор Манчев.

Според информациите на „Слободен печат“, деновиве е формирано координативно тело со тројца претставници на матичните лекари, кои треба да ги достават своите услови на Фондот за здравствено осигурување.

– Ако за ден или два не ни ги исполнат барањата, излегуваме на штрајк. И бидејќи ни е дозволено да штрајкуваме само половина час, ќе ги затвориме ординациите. Казните што ги добиваме од Фондот се драконски. Ако не ги потпишеме тие казни, тогаш ни се раскинува договорот и седум години немаме право да работиме со Фондот. Сè околу овој штрајк ќе официјализираме денеска, но состојбата е алармантна и по подолго време сме исклучително обединети и решителни – вели доктор Ненад Лазаров, приватен матичен лекар од Скопје.

Претседателката на Асоцијацијата на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова, вели дека ФЗОМ има правилници што се косат со Законот за здравствена заштита на пациентите.

– Можеме ли ние на пациент со шизофренија или со астма да му ја прекинеме терапијата која е хронична? Што ќе се случи со тој пациент? А ФЗОМ за вакви работи нè казнува нас, матичните лекари. На пример, во некој град немало психијатар туку само невролог и неврологот му го препишал лекот на пациентот, а требало психијатар. Значи, не станува збор дека на пациентот не му треба лекот, туку кој лекар го препишал. И наводно, ние сме го оштетиле Фондот? А специјалисти нема! Какви се тие правилници, кои се косат со Законот за здравствена заштита на пациентите, им го ускратуваат правото на лек, а кои не можат да се сменат – прашува д-р Чолакова Дервишова.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ирска им дозволува на посвоените луѓе пристап до матичните книги

Следно

ФК Вардар со мисија годинава да се врати во Првата лига

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian