Мексиканскиот претседател по втор пат позитивен на ковид, но останува оптимистичен: „Се ближи крајот на вирусот“

2 mins read

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор во вторникот откри дека по втор пат е заразен со ковид, но тој тврди дека „на овој вирус му се ближи крајот“ и покрај големото зголемување на случаите во Мексико.

На неговиот утрински брифинг пред медиумите, кој обично го одржува во Националната палата во Мексико Сити, претседателот истакна дека се заразил со омикрон, објави АП. Тој рече дека „за среќа оваа варијанта го нема степенот на опасност каков што имала делтата“.

Лопез Обрадор, кој беше целосно вакциниран и ја прими и дополнителната трета доза од вакцината, рече дека симптомите му се благи и дека болеста ја чувствува „како настинка“.

Лопез Обрадор првпат се зарази со вирусот во јануари 2021 година, но можеше да се врати на своите дневни брифинзи во февруари по двонеделно отсуство.

И покрај неговата втора инфекција со ковид, како и зголемувањето на потврдените случаи во Мексико минатата недела за 186 отсто, Лопез Обрадор предвиде дека „работите за брзо време ќе се вратат во нормала“. Секретарот за здравство Хорхе Алкосер рече дека претседателот би можел да ги продолжи личните брифинзи веќе следната недела.

Кога Лопез Обрадор првпат бил заразен, открил дека примил експериментални третмани, кои ги опишал само како „антивирусен“ лек. Овој пат, претседателот рече дека зема само парацетамол, благ лек против болки.

Лопез Обрадор тврдеше дека варијантата омикрон е „мала корона“, истакнувајќи дека хоспитализирањата и смртните случаи не се зголемиле со иста стапка како и новите случаи. Сепак, експертите велат дека тоа се и двата показатели кои заостануваат и може да не се појавуваат со недели по зголемувањето на заразата. Во Соединетите Држави, каде што бранот омикрон удри пред да го погоди Мексико, смртните случаи од корона повторно почнаа да растат.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дали „делтакрон“ варијантата навистина постои или е лабораториска грешка?

Следно

Традицијата во Јапонија продолжи и покрај падот на цените: Продадена туна за 150 илјади долари

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian