Штипскиот градоначалник не го пуштија кај првороденото бебе, болницата имала посебни протоколи

1 min read

Во штипската Клиничка болница изутрината во 9 часот се роди првото новороденче во 2022 година. Станува збор за здраво женско бебе, тешко над 4 килограми, а неговата мајка е од Радовиш.

Но, традиционалната посета и подароци за првороденото бебе годинава во Штип изостанаа. Градоначалникот Иван Јорданов и претставниците од неговиот кабинет доцна попладнево беа пред вратата на Гинекологија и акушерство, но од другата страна никој не им отвори. Образложението од болницата е дека има посебни протоколи, а директорот, Ален Ѓеорѓијев најави дека на прес-конференција утре ќе образложи,зошто градоначалникот со подароците не влегол на одделението.

Неофицијално, како што јавува МИА, причината за овој преседан е тоа што од раѓањето на бебето поминале само четири часа. Јорданов во настанот виде политика. Според него, еден убав настан се претворил во политичко препукување и реваншизам.

-Иако уредно најавени, со одобрение од дежурниот доктор и родилката, со традиционални подароци за првата среќа во нашиот град за оваа година, сепак по наредба на директорот, некултурно и дрско бевме оставени пред вратата на Акушерското одделение. Односно, наместо раководните лица годинава да смислеа како да се заврши Клиничката болница, наместо да внимаваа да не се изгубат парите за неа, очигледно повеќе енергија трошат како да унесреќат уште еден недолжен сограѓанин и во најсветлите моменти за него, вели Јорданов.

На Истокот се раѓаат сѐ помалку деца, додека морталитетот е зголемен. Минатата година на акушерското одделение во Штип се родиле 618 бебиња, речиси двојно помалку од пред десетина години.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дали ќе има поскапување на билетите за ЈСП?

Следно

Коронавирусот направи хаос во српската ракометна репрезентација

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian