Нова главоболка за Макрон: Пратениците не сакаат да го изгласаат контроверзниот ковид закон

2 mins read

Долниот дом на францускиот парламент ја прекина расправата за контроверзниот закон според кој само вакцинираните Французи ќе можат да одат во кафулињата, кината и возовите. Мнозинството пратеници гласаа за прекин на седницата по жестока расправа до понеделник до доцна навечер.

Новиот закон мора да биде одобрен во Сенатот за да стапи во сила на 15 јануари. Лидерите на парламентарните групи сега мора да одредат кога ќе продолжи седницата, изјави потпретседателката на Националното собрание Ани Женевар.

Новиот закон предвидува построги казни за производителите, трговците и корисниците на лажни ковид потврди, како и за одговорните на местата кои не ги проверуваат таквите сертификати. Лицата кои имаат лажна пропусница би можеле да бидат казнети со пет години затвор и парична казна до 75.000 евра, пренесува Франс24.

Пратениците изложени на закани

Предложените построги мерки ги налутија противниците на вакцинацијата, а некои пратеници велат дека тие биле изложени на закани, насилство и вандализам.

Укинувањето на можноста да се оди во кафуле, воз и други јавни места, само со ковид потврда беше направено за да ги наведе преостанатите 5 милиони Французи на возраст над 12 години да се вакцинираат. Поради варијантата омикрон, Франција повторно има рекорден број заразени, со повеќе од 200.000 нови случаи дневно.

„Новиот бран навистина пристигна, тој е огромен, но нема да паничиме“, рече министерот за здравство Оливие Веран во парламентот во понеделникот.

Прекинот на дебатата е удар за владата на Макрон. Кога владејачката партија синоќа побара да продолжи дебатата за усвојување на законот до крајот на неделата, десничарските републиканци (ЛР) се здружија со крајната десница и крајната левица и гласаа за завршување на парламентарната расправа.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Домот за слепи доби донација од книги напишани со Брајово писмо

Следно

Арсовски за СП: Хуморот на Слави Трифонов може да ја растури бугарската влада

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian