Домот за слепи доби донација од книги напишани со Брајово писмо

4 mins read

Домот за слепи лица „Димитар Влахов“ во Кисела Вода, соби донација од книги испишани со Брајовото писмо. 

„Денес, на Светскиот ден на Брајовата азбука, донирав 46 книги напишани на Брајово писмо за учениците од ДУРМДОВ ,,Димитар Влахов”. Донацијата содржи лектирни изданија кои, за прв пат во Македонија содржат и илустрации. Библиотеката на ова училиште речиси и да немаше вакви книги бидејќи овој процес на изработка е специфичен и скап, а ретко можат да се најдат и во слободна продажба“, соопшти градоначалникот Ѓоргиевски, кој додаде и дека неговите визит-картички кои ги дава на соработниците, ќе содржат податоци испишани со оваа азбука. 

„Уште на нашата предновогодишна средба, јас како градоначалник на општина Кисела Вода, во која е лоцирано училиштето за слепи и слабовидни лица, им ветив дека можат да сметаат на мојата поддршка. Денес, тоа го потврдувам со конкретни чекори. 
Имено, се информирав дека во библиотеката на ДУРМДОВ ,,Димитар Влахов” речиси и нема книги на Брајово писмо преку кои, учениците би имале достапност до насловите кои ги читаат нивните врсници.  И токму затоа, донацијата за која сме денес тука, се состои од 46 книги напишани на Брајово писмо“, пишува тој. 

Овие книги се работат на посебна хартија, со специјални печатачи и како такви се исклучително скапи и родителите на слепите ученици не можат да си ги дозволат, а за волја на вистината, ги нема ниту во слободна продажба.  Од денес, тие ќе им бидат достапни во библиотеката на училиштето. 

„Посебно сакам да нагласам дека за прв пат во Македонија испечативме книги кои се со илустрации, со што децата ќе го имаат истото доживување при читањето како и нивните врсници кои немаат оштетен вид“, вели градоначалникот. 

Во библиотечниот фонд се вклучени насловите Гоце Делчев од Ванчо Николески, Песни од Миладинов, Автобиографијата на Григор Прчличев и Малиот Принц од Антоан де Сент Егзипери. Лектирни изданија, но и книги кои се со голема литерарна вредност. 

„Би сакал да се заблагодарам на издавачкиот центар ,,АЛДЕБАРАН”, на уредникот Мите Стефоски и сопственикот Мирослав Размоски кои интензивно работеа за да можеме на време да ја обезбедиме оваа донација токму денес, кога го одбележуваме Светскиот Ден на Брајовото писмо.  Исто така, изразувам благодарност и до претседателот на Национален сојуз на слепи на Република Македонија Жарко Селковски, претседателката на скопскиот огранок на ова здружение Надица Николовска, како и на претседателот на Советот на општина Кисела Вода Иван Живковски за присуството на овој настан“, додава тој. 

Притоа, Ѓорѓиевски вели: „Се надевам дека на овој начин, преку кампањата која општина Кисела Вода ја спроведува под слоганот ‘Различни, а исти“, даваме свој удел во подигнувањето на свесноста за важноста на комуникацијата, како човеково право на слепите и лицата со намален вид, се надевам дека ќе успееме да им ги прошириме видиците! Грижата за нив не смее да биде само декларативна и секој од нас, треба да работи на надминување на стигмата и на подигнување на бариерите кои на лицата со хендикеп им се пречка за еднакво учество во општествените процеси“.

Извор: skopjeinfo.mk

Претходно

Отфрлена тужбата за насловната на албумот „Nevermind“ на Нирвана

Следно

Нова главоболка за Макрон: Пратениците не сакаат да го изгласаат контроверзниот ковид закон

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian