Кочански „Водовод” со кривична пријава против непознат сторител за потпалување на општинската депонија

1 min read

Комуналното јавно претпријатие „Водовод” од Кочани поднесе кривична пријава против непознат сторител за предизвикување општа опасност и загадување на животната средина со потпалување на општинската депонија кај селото Бели.

Десетина дена од депонијата излегува пламен и густ чад што ги прекрива падините во кочанскиот дел на Осоговијата, поради што невладините здруженија и граѓаните јавно реагираа за загадувањето на воздухот.

– Имаме индиции дека депонијата е запалена намерно затоа што чадот се појави на повеќе места, поради што поднесовме пријава до МВР. Веќе ангажиравме фирма која го гаси пожарот, при што се спроведува посебен третман со алги и се надеваме дека за неколку дена огнот ќе биде локализиран и ќе се намали чадот што излегува. Многу е тешко за гаснење затоа што е запален метанот што се создава при распаѓањето на органските отпадни материи, врз него не дејствува водата, а ако се покрие со земја продолжува да тлее во внатрешноста, истакна Иван Иванов, в.д. директор на КЈП „Водовод”.

Во гаснењето на депонијата досега неколкупати интервенираше и Територијалната противпожарна единица, а третманот со смеса од морски алги ќе продолжи сè додека не се елиминира чадот.

Состојбата беше слична и пред неколку години, поради што тогаш жителите на селото Бели излегоа на протести и го блокираа регионалниот пат кон Пониква. Подоцна „Водовод” со јавна набавка обезбеди третман со алги, по што извесен период немаше посериозни проблеми.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Нема лабаво: Талибанците истурија 3.000 литри алкохол во канализација

Следно

Евролигата не се прекинува, се скратува карантинот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian