Интервју со спортистот на годината Дејан Георгиевски: Најубаво е чувството кога некого ќе усреќите

11 mins read

Таеквондистот Дејан Георгиевски е спортистот што ја одбележа минатата година во Македонија. Неговиот резултат на Олимписките игри во Токио, освоениот сребрен медал е највредниот резултат посигнат од некој спортист во независна Македонија. Затоа меѓу другото беше прогласен за спортист на годината во изборот на Агенцијата за млади и спорт.

Дејан не ја воодушеви нашата јавност само со освоеното сребро во Токио, туку и со своето однесување, со сигурноста, упорноста, скромноста, сите потребни особини на еден врвен спортист. Со него зборувавме за впечатоците од настапот во Токио, за плановите и амбициите за иднината, за тоа што го направи најсреќен по постигнувањето на вонсерискиот резултат.

дејан георгиевски
Дејан Георгиевски на Игрите во Токио стана олимписки вицешампион/ фото: EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Кој ви беше најрадосниот момент од Олимписките игри во Токио, дали кога ви го доделија медалот или можеби потоа?
– Најрадосен момент ми беше кога пристигнав на аеродромот во Скопје. Претходно се ми минуваше како во магла. Во моментот кога ми го даваа медалот бев многу среќен, секако… Но кога пристигнав тука на аеродромот, кога ги видов најблиските, другите луѓе, пријателите, новинарите, тогаш беа најсилните емоции. Тогаш станав свесен колку сум среќен и возбуден, колку сум радосен.

Како одат плановите за 2022 година?
– Веќе почнавме со подготовките за 2022 година. Во 2022 година, вториот дел од јануари планираме да одиме на подготовки. Во февруари почнуваме со натпревари и собирање поени за ЛОИ во Париз. Главни цели ќе ни бидат Европското првенство што ќе се одржи во Манчестер во мај и Светското првенство што треба да се одржи во Кина, но се уште немаме информации кој датум ќе биде.

Зошто токму европското и светското првенство?
– Фокусот е на нив бидејќи тие ни носат најмногу поени, особено СП во Кина. Секако сите останати натпревари се битни, да собирам што повеќе поени за да останам меѓу првите шестмина на ранг-листата, затоа што само првите шестмина на таа ранг-листа се квалификуваат директно за учество на ЛОИ Париз. Моментно сум петти на таа ранг-листа, а првите шестмина одат директно на ЛОИ, односно нема потреба да одат на квалификации. Треба да соберам што повеќе поени за да останам помеѓу тие први шестмина. На тој начин нема потреба да одам на квалификации.

Георгиевски го оствари најголемиот успех на ОИ од осамостојувањето на Македонија/ фото: EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Кој трофеј повеќе посакувате, од ЕП или од СП?
– Во колекцијата ми недостига медал од светско првенство, бидејќи веќе имам медали од европските првенства, од балканските првенства, од медитеранските игри… Секако тука е и медалот од олимписките игри и ми недостанува уште трофеј од светско првенство. Тоа ми е желба, ми недостига како титула, а секако носи и најмногу поени во тој процес на квалификација за олимписките игри. Тоа СП требаше да се одржи во 2021 година, но се одложи за 2022 година и се уште не знаеме кој датум ќе биде.

По ЛОИ Токио влеговте во фокусот на јавноста. Како се носите со славата?
– По Токио станав повеќе познат, особено кај оние што го следат спортот, но и кај сите останати. Ми дава многу позитивна енергија кога некој ќе ми пријде, ќе се поздрави, кога ќе ми честита. Најубаво ми е што оние кои ми приоѓаат ми велат дека сум ги усреќил, ми заблагодаруваат. Нема поубаво чувство од тоа, бидејќи знаете дека сте направиле нешто добро. Сето тоа ми дава повеќе мотивација за да тренирам повеќе и да работам за да ги радувам луѓето во нашата земја. Чудно е што тие ми се заблагодаруваат мене, а всушност јас треба да им бидам благодарен нив за поддршката. Велат благодариме што не направи горди и среќни. Тоа ми е посебно чувсто, бидејќи сум успеал да израдувам толку луѓе и барем на момент да бидат среќни во вакви тешки времиња.

Георгиевски во Скопје имаше пречек каков што доликува за олимписки вицешампион/фото: Фејсбук/Borce Kostovski

Како сте задоволен со третманот од институциите во земјава кон вас, по освојувањето на сребото од Токио?
– Нас не ни е во крвта да се жалиме и да се буниме. Задоволен сум, но секогаш може и повеќе. Не барам ништо повеќе од тоа што сум освоил заслужено. Нека видат како во соседните земји ги наградуваат медалистите од олимписките игри. Се надевам дека од следните ЛОИ ќе се знае точно кој колку треба да земе кога ќе донесе медал од ЛОИ. Сепак, главно сум задоволен, бидејќи тоа што го правам не го правам за пари, туку пред се од љубов кон спортот и кон државата. Секако дека треба да имам и нешто од тоа бидејќи посветен сум на спортот и треба кога ќе отидам во пензија да бидам осигуран на некој начин.

Дали се зголеми интересот за таеквондото во земјава по вашиот олимписки трофеј?
– Интересот е дефинитивно зголемен. Сите клубови, не само нашиот, се полни. Дури се размислува да се отворат некои нови клубови во Скопје, но и во другите градови. Се бараат способни врвни тренери кои ќе можат да отворат клуб, бидејќи не е само работата во тоа да отворите клуб, туку и да има квалитет.

Која е главната придобивка за младите кои се занимаваат со спорт?
– Придобивка пред се е што ќе бидат здрави. Денес има многу деца со зголемена тежина, со искривен рбет… Значи, здравјето пред се е придобивката, а потоа и што ќе се здобијат со самодоверба и со цврстина. Со тие придобивки, сите проблеми подоцна во животот ќе можат да ги надминуваат многу полесно, затоа што имаат дисциплина добиена на тренизите и на натпреварите. Животот ќе им биде полесен.

Во изминатата за вас многу успешна година, има ли нешто за што жалите?
– Не жалам речиси за ништо, годината ми беше многу успешна. Мало жалење има кај мене што пред квалификациите за ЛОИ во Токио имавме Европско првенство, а таму загубив во првото коло. Но, можеби тоа беше за добро бидејќи понекогаш за да одите напред треба да направите еден чекор назад. Тоа беше пораз што на некој начин ми помогна следниот месец да се квалификувам за ЛОИ во Токио, да влезам во квалификациите поподготвен психички и физички.

Дејан ветува уште многу нови победи и радости/фото: EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Имате ли веќе план за работа за следните Олимписки игри Париз 2024?
– Планот веќе го подготвуваат тренерите. Веќе полека започнавме со подготовки. Нема многу време за чекање. Пред нас се две години интензивна работа. Во 2023 веќе се затвораат нормите и се знае кој оди директно на ЛОИ, а кој оди во квалификации во јануари потоа. Ни остануваат уште две години да се посветиме максимално и да се квалификуваме директно.

Секако и вашите колеги од репрезнетацијата ќе бркаат норми за ЛОИ?
– Не мислам само на себеси. Сега повеќе таеквондисти ќе бркаме норма. Јас сум сигурен дека ќе исполниме две норми за Париз, а можеби и повеќе. Сега сите во тимот сме сениори. За претходните ЛОИ некои од нашиот тим не можеа да собираат поени, бидејќи не беа сениори. Сега сме повеќе сениори, уште од оваа година почнуваат да се собираат поени за Париз и тие мои колеги ќе бидат во поповолна позиција да освојуваат поени.

Од кого очекувате најголема помош во остварувањето на плановите?
– Најголема помош очекувам од тренерите, бидејќи да не беа тие, немаше да стигнеме до тука и немаше да се квалификувам за ЛОИ во Токио и да донесам медал. Тие ме подготвуваат перфектно психички и физички, затоа сум им благодарен и ќе им бидам благодарен до крајот на животот. Јас оставам се на тренерот, тој ми кажува што, како и колку и јас треба да го слушам за секој детал.

Имате ли некој спортски идол што посебно ве инспирира?
– Немам некој спортски идол. Следам повеќе големи спортисти, читам и некои нивни биографии и знам да „украдам“ по некој детал што ќе ми се допадне. Но немам некој посебен спортски идол што би го одвоил.

Што правите со најголемо задоволство кога не тренирате или настапувате?
– Имам куче, многу ме ралаксираат прошетките со него, знам да се опуштам кога шетам со кучето, да размислувам на други теми кога не сум толку фокусиран на таеквондото. Кучето е француски булдог, се вика Бруно.

Кои ви се други важни активности неврзани за спортот?
– Во септември дипломирав на Универзитетот за туризам и менаџмент, на Факултетот за човечки реурси. Добив стипендија од факултетот и сега започнав магистратура.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Пратениците лани најмногу работеле во април: Дури две недели

Следно

Вучиќ се огласи за случајот со исчезнувањето на момчето од Сплит во Белград: „Имаат скица за тоа што можело да се случи“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian