Денеска е првата недела оваа година од кога почнува да се применува новата законска регулатива според која недела е неработен ден. Оваа регулатива особено е видлива во трговијата, затоа што продавниците вообичаено работеа во недела. И сега има исклучоци и за трговијата, но постојат и четириесеттина дејности во кои поради природата на работата се работи во недела.
Во однос на трговијата и денес може да се работи во: специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност; во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалоци и тутун; во продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 квадратни метри; на штандови и киосци каде што се продава добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела; во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и на зелени пазари.
За работниците кај трговците на мало, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата, согласно со закон. Додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа. Работодавците пак, се должни 2 проценти од прометот да уплатата во државниот буџет.
За останатите кои работат денеска, а кои ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 проценти повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена.