Моите 1 + 5: По избор на Зоран Кардула – „Amarcord“од Федерико Фелини

3 mins read

„Amarcord“ е постар филм од 1973 година на мојот омилен режисер, Федерико Фелини, кој е и еден од авторите на сценариото. Според многу филмски критичари и обожаватели на творештвото на Фелини го сметаат за најзначајно негово дело.

Филмот во голема мера се базира на реалниот живот на Федерико Фелини од неговото детство и младост поминати во Римини, иако Фелини секогаш тврдел дека нема автобиграфски филм.

Amarcord/Twitter
Amarcord/Twitter

Тоа е сатирична драма сместена во малото измислено италијанско гратче по име Борго на Јадранскиот брег. Филмот следи една година од животот на младиот Тито кој се балансира на границата помеѓу детството и зрелоста, опкружен со цела низа шарени и ексцентрични ликови во фашистичка Италија во 1930-тите. Фелини во овој филм обработува и многу значајни теми кои често се занемаруваат, како пубертетот, фамилијарните односи, уметноста, фашизмот, црквата, страста, сексот и тоа преку обичниот човек и неговиот поглед на светот. Со доаѓањето на пролетта, гратчето одржува фестивал на кој пали симболичен оган и слави нов живот. Овој собир на главниот плоштад е прв од многуте низ целиот филм.

Amarcord/Twitter
Amarcord/Twitter

Секојпат кога заедницата ќе се собере, нејзините шарени членови се покажуваат во полна сила, фалејќи се со своите бизарни, искривени личности, а резултатот е чиста комедија. Токму ваквите карактери ги обожавам во филмовите на Фелини кои некако како ги гледаме, стануваме свесни дека тоа се луѓето околу нас. Сите тие настани, прослави и слично многу ме потсетуваат на моето детство во Крушево, а претпоставувам и во сите помали места сме биле сведоци на такви комични ситуации кои Фелини на брилијантен, надреален, на само нему својствен стил, знае да ни ги долови. Овој филм на Фелини може да се каже дека е носталгија за детството, за забавните и комични моменти од минатото кои мајсторски успева да ги зачува од заборав. Секој карактер е посебна приказна.

Секако, морам да ја спомнам и музиката на Нино Рота и Карло Савина. Филмот, oсвоените 18 фестивалски награди, како и Оскарот за најдобар странски филм доволно говорат за вредноста на „Amarcord“.

+5

„The Phantom of Liberty“, режисер: Луис Буњуел, 1974
„Cabaret“, режисер: Боб Фос, 1972
„Faust“, режисер: Александар Сокуров, 2011
„Four Weddings and a Funeral“, режисер: Мајк Њуел, 1994
„Ulysses’ Gaze, режисер: Тео Ангелопулос, 1995

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ако УНЕСКО не може, кој ќе го спаси Охрид од самоволието

Следно

Арсовска ќе го продолжи проектот на Шилегов за забавен парк, се очекува годинава да биде готов

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian