Уште една поразлична Нова година во Грција

2 mins read

По ланскиот целосен карантин за време на божиќните и новогодишните празници, Грците и оваа година, по втор пат новогодишната ноќ ќе ја поминат со рестрикции, без забави, без организирани јавни прослави и со ограничувања во работата на угостителските објекти, јави дописничката на МИА од Атина.

И додека Владата најавуваше дека мерките ќе стапат во сила по празниците, брзото ширење на Омикрон и драстично зголемениот број новозаразени го забрзаа воведувањето на рестрикциите.

Па така, наспроти минатиот викенд, кога Божиќ беше прославен без речиси никакви поголеми ограничувања, новогодишната ноќ ќе биде целосно поразлична.

Угостителските објекти ќе работат до два часот по полноќ, но без музика и со забрането стоење.

Голем дел од баровите и ноќните клубови, што обично отвораат по полноќ, одлучија да останат затворени додека мерките се во сила.

Пред собирите во домовите, Владата препорача граѓаните да се тестираат со селф тестови кои бесплатно ги подигаат од аптеките, а на секој му следуваат по два, со препорака едниот да се искористи пред, а другиот по новогодишната ноќ.

Меѓу воведените мерки е и откажувањето на сите јавни празнични прослави, па така и оваа година, исто како и лани ќе изостанат организираните дочеци на плоштади и слично.

Од општина Атина, најавија дека ќе ги изненадат граѓаните со куса новогодишна програма што во живо ќе се пренесува на државната телевизија ЕРТ, а точно на полноќ планиран е и традиционалниот огномет.

Одвоените средства за организацијата во висина од 211.000 евра, предизвикаа реакции во Грција и остри критики од опозициската СИРИЗА.

Во медиумите се споменуваше дека познатиот грчки пејач Сакис Рувас ќе добие околу 200.000 евра за неколку минутен настап во рамките на новогодишната програма, што секако ќе биде без публика, а подоцна со детали излегоа од општина Атина дека конкретниот износ од 211.000 евра се однесува на целосната организација на настанот, а средствата се во рамките на вообичаените што се одвојуваат секоја година за новогодишната ноќ.

Грција во изминатите денови се соочува со драстично зголемување на новите случаи на Ковид-19, а за само три дена беа регистрирани вкупно 86.250 новозаразени.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Охрид солидно посетен за дочекот на Новата 2022 година, најбројни гостите од соседните држави

Следно

ФОТО | Мајли Сајрус повторно „украде“ ју-стајлинг, Tвитер ѝ порача: Мајли, можеш вода да ѝ носиш на Брена!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian