„Слободен печат“ Ви ја честита Новата 2022 година

2 mins read

Годината која останува зад нас многумина ќе ја паметат по загубите во семејството поради ковид пандемијата која ја одбележа и оваа, 2021 година.

Во колективната меморија ќе останат забележани политичките и економските турбуленции, продлабочениот проблем со Бугарија, шамарот од Европската Унија и останувањето пред нејзините врати, двете големи трагедии – пожарот во тетовската модуларна болница каде загинаа 14 лица, и сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија кога за неколку секунди во страотен пожар живот го загубија 45 наши сограѓани од кои 12 беа деца, коруптивни скандали, судски недоследности и криминални активности кои не добија епилог, парламентарни и локални избори, првиот попис по 20 години, оставки, политички прегрупирања…

На контото на годината која измина ќе бидат забележани и низа спортски успеси на македонските репрезентации и поединци, како и олимпското сребро на таеквондистот Дејан Георгиевски, успехот на филмот на младата режисерка Дина Дума со филмот „Сестри“ и други успеси од македонската културна и општествена сцена.

Екипата на „Слободен печат“ професионално ве информираше и известуваше за сите овие настани. И во наредната година продолжуваме професионално, посветено и достоинствено да ги извршуваме нашите новинарски задачи.

Во Новата 2022 година Ви посакуваме добро здравје, убави моменти со блиските и пријателите, оваа година да биде подобра за секој од нас.

Новинарскиот тим на „Слободен печат“ на своите читатели и гледачи, како и фанови на социјалните мрежи им ја честита Новата 2022 година и им посакува здравје, среќа и успеси на приватен и професионален план.

Политичка стабилност, излез од економската криза, намалување на сиромаштијата, справување со пандемијата, подобро здравство, нулта корупција, посилен образовен систем, независно судство, справување со криминалот во сите сфери, преговори со ЕУ, прифатливо решение на спорот со Бугарија, социјална правда, заштита на маргинализираните групи, нови успеси во спортот и културната сфера, повисоки плати и животен стандард  – се желби кои очекуваме од политичарите да ни ги исполнат во 2022 година со умешност, посветеност во работата и сериозна грижа за граѓаните на Македонија.

Среќна нека е!

www.slobodenpecat.mk

Претходно

На здравје за убава Нова Година: Зошто специјалните пригоди ги наздравуваме со шампањ?

Следно

Среќна нова 2022 година!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian