Спасовски: Да празнуваме одговорно, да го сочуваме сопственото и здравјето на најблиските

3 mins read

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на сите граѓани им посака среќна и бериќетна Нова година.

За претстојните празници, потсетува Спасовски, дека треба да празнуваме одговорно, да се погрижиме да го сочуваме сопственото и здравјето на најблиските.

– Да не возиме ако консумираме алкохол или да не пиеме ако мора да управуваме возило. Да не го објавуваме нашето отсуство од домот, правејќи го така попривлечно за крадците и разбојниците, а сомнителните појави да ги пријавиме во најблиската полициска станица. Пиротехниката да им ја оставиме на професионалците, оти далеку поубаво место за прослава е кругот на најблиските одошто ургентните центри. Иако за полицијата нема празник и таа ќе биде присутна на терен, да се воздржиме од инциденти, бидејќи тие само ја уништуваат празничната атмосфера, вели во новогодишното обраќање Спасовски.

Зад нас е уште една турбулентна година, првенствено предизвикана од продолженото дејство на коронавирусот кој, за жал, сѐ уште не го прогласи својот завршеток, подвлекува министерот, притоа наведувајќи дека ова беше и година кога го положивме демократскиот испит за зрелоста со успешно организираните Локални избори 2021, поставувајќи ја нашата држава на едно ново, повисоко ниво.

– И политичката сцена имаше своја посебна динамика, која навестува преобразби во годината што следи, како на национален, така и на меѓународен план, очекувања за зајакнати дијалози и желби за посилно темпо на реформи, стои во обраќањето на Спасовски.

Стабилна безбедносна состојба во текот на целата 2021 година

Од аспект на Министерството за внатрешни работи, истакнува Спасовски, имавме генерално стабилна безбедносна состојба во текот на целата 2021 година, со тенденција на намалување на инкриминациите во споредба со истиот период од минатата година и вкупна ефикасност од околу 61 процент.

Новата година, нагласува министерот Спасовски, ќе ја започнеме со 70-иот реконструиран објект и уште неколку во фаза на реализација, како што е Центарот за обука Идризово, Одделот за граѓански работи во МРТВ и изградбата на Полициската станица Аеродром.

Во 2022 година, подвлекува, ќе биде готов и новиот објект на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, со што ќе ја исполниме целта да прерасне во Национален форензички центар, а летало на нашиот Оддел за воздухопловни единици на МВР ќе го опремиме со најмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Во Кина јавно посрамотени луѓето кои не ги почитуваат ковид мерките

Следно

Зошто е добро да имате активен јаглен дома

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian