Никогаш поуспешна спортска година за Македонија: Најмногу радости во 2021 ни донесоа Георгиевски и „рисовите“

8 mins read

Ако нешто ги радуваше граѓаните на Македонија во 2021 година, тоа беа спортските резултати на нашите претставници во меѓународните натпревари. Во кризните времиња што ни ја обременија годинава што измина, во морето лоши вести што не заплискуваше секојдневно, спортистите беа тие кои го враќаа куражот и насмевките кај нашите граѓани.

Се радувавме на уникатното сребро што таеквондистот Дејан Георгиевски ни го донесе од ЛОИ Токио, првпат гледавме настап на нашите фудбалери на голем спортски настан… Имаше и други радости за Македонија и понекоја лоша вест. Еве ги највпечатливите…

  Исполнето ветување, Дејан освои олимписко сребро во Токио

Таеквондистот Дејан Георгиевски (22) го освои сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио, со тоа го постигна најдобриот резултат за македонскиот спорт во 2021 година, но и највредниот спортски успех во историјата на независна Македонија. Од прогласувањето на независноста па досега спортист од нашава земја  не освоил толку вреден спортски трофеј како среброто на Дејан од олимписките игри.

Георгиевски пред заминување на ЛОИ најави дека во Токио патува по олимписки медал. Младиот спортист, кому ова му беше прв настап на олимписки игри, го испорача ветеното, во Македонија се врати со сребро.

Таеквондистот Георгиевски со олимпиското сребро во Токио/Фото: Македонски олимписки комитет

Малкумина спортисти имаат самоувереност да ветат голем резултат и потоа срце и вештина ветеното да го испорачаат. Дејан е еден од нив. Македонија во јули следеше со внимание како Геогиевски во Токио на патот до финалето ги елиминира светскиот првак од Куба Рафаел Јуниер Алба Кастилјо (11-8), Сајду Гбане од Брегот на Слоновата Коска (9-4) и вториот фаворит Кјо Дон Ин од Јужна Кореја (12-6). Во финалето Дејан изгуби од Русинот Владислав Ларин со 9-15 и го освои вредното сребро.

Младоста и сериозноста во сфаќањето на задачите кај Георгиевски ветува дека пред него се уште многу трофеи. Тој веднаш по враќањето вети и златен медал од следните ЛОИ во Париз 2024. Таеквондото како спорт направи бум во Македонија.

Успехот на Георгиевски, покрај неговите индивидуални квалитети, се должи и на стручната работа на тренерите Борче и Дарко Костовски од клубот „Бутел“.

Чекавме и дочекавме, Македонија играше на фудбалско ЕП

Македонија во 2021 година дочека тоа што го чекаше со децении, да настапи на голем настан во најпопуларниот спот во светот, фудбалот. Тоа ѝ појде одрака на генерацијата предводена од капитенот Горан Пандев, неговите другари од репрезентацијата, раководени од селекторот Игор Ангеловски, кој долго време ја градеше оваа екипа.

Македонија дебитираше на Европско првенство/EPA-EFE/Olaf Kraak

На ова ЕП што се одржа во јуни изигравме три меча во групата „Ц“, против Австрија (1-3), Украина (1-2) и Холандија (0-3) и завршивме со три порази. Сепак, „пуштивме нога“ што се однесува до големите натпреварувања, нешто што не им успеа на претходните генерации. Пандев ќе остане во историјата како прв во дресот на Македонија што постигнал гол на едно ЕП (во мечот со Австрија), а и Езгјан Алиоски ја затресе мрежата во мечот со Украина. Голови за историја.

Претходно во март Македонија во Европа креира фудбалска сензација на годината откако во квалификациите за СП 2022 во меч од групната фаза ја совлада големата Германија и тоа како гостин, со 1-2. Прво Пандев ги „начна“ панцерите, а откако домаќинот изедначи, Елмас ги дотолчи со својот гол на пет минути до крајот. Веројатно немаше медиум во Европа што го третира спортот, а што не ја спомена оваа голема победа на Македонија во Дуизбург. Го шокиравме континентов, а и фудбалскиот свет со победа над Германија во Германија што беше прв пораз на панцерите на домашен терен во 20 години.

Настапот на ЕП не беше крај на радостите за фановите на „рисовите“. Следуваше нов успех, овојпат под селекторската палка на Благоја Милевски. Црвено-жолтите беа успешни и во квалификациите за СП во Катар. Во решавачките последни два меча од групата, момците во црвено-жолто прво како гости ја совладаа Ерменија (5-0), а потоа го запечатија освојувањето на второто место во групата со домашната победа над Исланд (3-1). Со тоа обезбедивме бараж за пласман на СП, а првиот меч ќе се игра во март против Италија во Палермо. Дали ќе продолжи фудбалската бајка од 2021 година?

Блесоци на Павлов, Ѓорѓиев, Симиќ

Ако нашиот најдобар каратист Емил Павлов не успеа да обезбеди норма за ЛОИ Токио, се „одмазди“ со освојувањето на сребрениот медал на Светското првенство во Дубаи во ноември. Ова е највредно одличје освоено од македонски каратист на едно светско првенство во карате и само втор медал во историјата на Македонија од еден карате-мундијал. На патот до финалето Павлов совлада петмина елитни каратисти, а потоа изгуби од Французинот Стивен да Коста.

Емил Павлов / фото: Фејсбук

Македонија секогаш била добра во боречките спортови, а тоа покрај другите, годинава го докажа и кик-боксерот Димитар Ѓорѓиев кој стана европски првак во дисциплината лоу-кик на ЕП во Братислава, првенство на кое неговиот колега од репрезентацијата Бобан Илиоски освои бронза.

Теодор Симиќ (17) не освои медал, но нашиот млад кошаркар, репрезентативец и член на Барселона се најде меѓу десетте најталентирани млади кошаркари во Европа кои настапија во ноемврискиот квалификациски циклус за пласман на СП 2023. Симиќ во мечот со Шпанија постигна 18 поени, со 75 отсто прецизност на шутот со што се најде во изборот на ФИБА. Македонската репрезнетација немаше многу среќа на двата неомвриски настапи, забележа два порази, против Шпанија во Скопје и против Украина во Киев.

Димитар Ѓорѓиев е светски шампион во кикбокс/Фото: facebook.com/dimitargjorgjievkbkpunev

Тажна сенка фрли ФК Вардар

Меѓу убавите моменти во фудбалот и една тажна сенка ќе остане за историјата, како белешка од 2021 година. Фудбалскиот клуб Вардар, најтрофејниот клуб во Македонија, годинава што изминува првпат настапува во домашното првенство како второлигаш. Ова е епилог на долгата агонија на најтрофејниот, кој испадна од прволигашкото друштво минатата сезона и сега игра во Втората лига-Запад.

ФК Вардар. фото: Фејсбук/Комити

Веројатно секој вистински љубител на фудбалот во Македонија без разлика од кое место е, не е среќен што македонската клупска гордост игра во второлигашкото друштво. Најмногу секако се разочарани верните навивачи, особено оние најверните, „Комитите“, кои сепак го поддржуваат својот клуб како и секогаш.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Струга потврден уште еден случај на пациент заразен со сојот омикрон

Следно

Бугарија го намалува рокот за примање трета доза од шест на три месеци

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian