Ол стар бекот Кајри Ирвинг го одработи првиот тренинг со екипата на Бруклин нетс, а наскоро се очекува и да му се приклучи на тимот во регуларниот дел од НБА сезоната.
Кајри Ирвинг кого медиумите во САД го прогласија за антиваксер бидејќи не сакаше да се вакцинира, не можеше да настапува за својот тим поради одлуката на градоначалникот на Њујорк да не дозволи влез на невакцинирани лица во сали. Управата на Бруклин одлучи да го оствари Ирвинг од тимот бидејќи кошаркарот остана на својот став да не се вакцинира.
Но, поради големиот број на позитивни кошаркари на ковид-19, управата на „мрежичките“ одлучи да го врати Ирвинг во екипата и да му овозможи да игра на гостувањата.
– Ја разбирам првичната одлука на клубот и ја почитувам. Не сакав да дозволам сево ова да го доживеам премногу емотивно и поради тоа гледав на работите од нивна перспектива по што ја сфатив нивната одлука – изјави Ирвинг кој веќе го одработи првиот тренинг со екипата откако излезе од корона протоколот.
– Иако поминаа само три месеци, за мене тоа изгледаше како вечност. Додека седев дома, деновите многу споро ми поминуваа, а кога размислував за враќањето на тренинзите не можев да спијам.
Ирвинг првиот настап за Бруклин сезонава се очекува да го има на гостувањето кај Индијана пејсерс на 5 јануари.