Ракометарите на вториот тим на Еурофарм Пелистер ја завршија годината победнички откако славеа во Битола над Прилеп со 34:26. Играчите предводени од тренерот Александар Јовиќ се моментно на четвртата позиција и се во трка за плеј-офот.
Оваа сезона блескаат со своите игри, многумина изненадија со своите резултати, а како доказ за нивниот сериозен ангажман и пристап во шампионатот е победата над Вардар 1961 со 27:26 што донесе уште поголема радост кај битолските фанови, а секако и голем поттик за играчите уште повеќе да работат во пресрет на следните предизвици.
Голманот Благојче Трајкоски кој своевремено беше дел и од првиот тим, сезонава ги браните боите на Еурофарм Пелистер 2 и верува дека екипата е добро вклопена со неколку искусни и повеќе млади талентирани играчи.

Колку сте вие задоволни од настапите колективно како тим кој дефинитивно има што да каже во Суперлигата, совладавте актуелни и поранешни шампиони. Веќе ве претставија како есенски хит, како вие гледате на тоа, дали е тоа плод на еден професионален и сериозен пристап на играчите?
– Во првенството важиме како хит на полусезоната, но доколку се погледне целиот проект, составот на екипата, не би требало да е изненадување. Екипата е составен од неколку искусни играчи и поголем дел од млади талентирани ракометари. Но, толку добро сме вклопени што на тренинг не се гледа разликата во години – ни изјави Трајкоски.

Искусниот 35-годишен чувар на мрежата откри дека клучот за добрите игри на екипата се добрата работа на тренинзите и одличната атмосфера во соблекувалната.
– Во стручниот штаб на чело со Александар Јовиќ се најзаслужни за добрата форма. Клубот ни обезбедува европски услови за тренинг, на нас останува само да работиме. Добрата работа на тренинг и одличната атмосфера во соблекувалната можам да кажам дека се клучот за добрите игри. Победата над Вардар беше најдоброто нешто оваа полусезона. Се надеваме на уште такви игри во продолжението на сезоната – рече Трајкоски.
Пред две години во еден наш претходен разговор кажавте дека силен Еурофарм Пелистер е добро за македонскиот ракомет, што подолго се претставува во Европа, со што излезе дека бевте во право и дека еве резултатите излегуваат на виделина. Дали според вас допрва доаѓа вистинското, се враќа ли таа стара препознатлива ракометна Битола?

– Кажав дека силен Еурофарм Пелистер е добро за македонскиот ракомет и еве излезе како точно. Битола едноставно живее за спорт..Ракомет, фудбал, кошарка, за битолчани не е важно, за нив е најважно само успех на Пелистер. Имаме сè што е потребно за добри резултати, имаме страшна публика и на нам ни останува само да играме добро и да ги радуваме навивачите. Секако, истото важи и за првиот тим на Еурофарм Пелистер – вели Трајкоски.
Малку екипи го надиграа Еурофарм Пелистер 2 во блескавата есенска полусезона, само три тима имаа резултатски поуспешна есен. Иако екипата го менуваше ликот и за разлика од минатата сезона остана без Јован Талевски, Дрогришки, Бардаковски, сепак одлично се екипираше и со начинот на игра ги освои сите ракометни симпатии. „Експлодираа“ браќата Атанасијевиќ, Кузманоски, Ѓоргоски, а полн погодок беа и инвестициите во искусните Трајкоски, Ѓукиќ, Димитриоски..

Еурофарм Пелистер 2 во есенската полусезона
СЕЗОНА 2021/22
(официјални натпревари)
Суперлига:
1. коло: Еурофарм Пелистер – Еурофарм Пелистер 2 29-24
2. коло: Еурофарм Пелистер 2 – Бутел Скопје 30-27
3. коло: Металург – Еурофарм Пелистер 2 28-29
4. коло: Еурофарм Пелистер 2 – Пролет 29-22
5. коло: Прилеп – Еурофарм Пелистер 2 24-30
6. коло: Скопје 2020 – Еурофарм Пелистер 2 24-29
7. коло: Eурофарм Пелистер – Тиквеш 2014 24-26
8. коло: Струга – Еурофарм Пелистер 2 30-30
9. коло: Еурофарм Пелистер 2 – Вардар 1961 27-26
10. коло: Радовиш – Еурофарм Пелистер 2 24-29
11. коло: Еурофарм Пелистер 2 – Охрид 28-28
12. коло: Еурофарм Пелистер 2 – Еурофарм Пелистер 20-38
13. коло: Бутел Скопје – Еурофарм Пелистер 2 29-21
14. коло: Еурофарм Пелистер 2 – Металург 39-23
15. коло: Пролет – Еурофарм Пелистер 2 28-33
16. коло: Еурофарм Пелистер 2 – Прилеп 34-26
Куп на Македонија:
Еурофарм Пелистер 2 – Металург РА 38-18
ВКУПНО:
17 натпревари
11 победи
2 реми исходи
4 порази