ИНТЕРВЈУ Натали Трангалова: Во спортското качување треба дисциплина, упорност и напорен тренинг

4 mins read

Спортското качување од година во година е во константен пораст, особено помладите во нашата земја покажуваат голем интерес. Спортското качување беше и една од дисциплините на Летните олимписки игри во Токио, Јапонија.

Овој спорт добива сè поголем замав во Македонија, како дел од настаните годинава се одржа првиот болдер натпревар на природна карпа, на локалитетот Штавица-Прилепско, па државното првенство-натпревар во Скопје во дисциплина Водство.

Плачковица беше домаќин на првиот натпревар во спортско качување за млади на новата вештачка карпа кај планинарскиот дом Вртешка, македонската репрезентација стекна огромно искуство на Светското младинско првенство во Воронеж, Русија. А исто така се организираше и државното првенство-натпревар во спортско качување, дисциплина Тежинско, во Демир Капија.

Фото: Astibo Climbing

Адреналин, координација, скромност, мир, во истражување на нови височини, тестирање на сопствените можности, начин на живот, начин да се запознаеме себеси, но и светот околу нас.

Спортско качувачкиот клуб „Астибо“ од Штип информираше дека годината ја завршуваат со тројца национални шампиони меѓу кои Натали Трангалова, Васил Караѓозов и Леон Ангелов. Сите освоија најголем број на бодови во своите категории за 2021 и со право се радуваат на трофеите.

Трангалова вели дека за овој спорт потребна е дисциплина и упорност, како и редовен и многу често напорен тренинг.

Фото: Astibo Climbing

Како започна љубовта, што ве инспирираше да бидете дел од спортското качување?

– Веќе се дружев со некои од децата од клубот, па решив да пробам и ми стана многу интересно и секој тренинг стануваше сè поголем предизвик за мене, понатаму натпреварите и со секој постигнат успех сè повеќе го сакав овој спорт.

За да биде малку повеќе запознаена јавноста во Македонија, што е спортско качување и колку видови има?

– Ова е спорт за качување на карпи, природни и вештачки, а целта е да се достигне максималната тежина во качувањето. Постојат три групи: тежинско, брзинско и болдер. Од неодамна овој спорт е олимписка дисциплина.

Спортско качувачкиот клуб Астибо информираше дека сте национален шампион и одите заслужено на празнична пауза. Колку сте задоволни од настапите оваа година и кои се досегашните ваши најголеми успеси?

Фото: Astibo Climbing

– Оваа година го постигнав најголемиот успех, национален шампион за 2021 година, на последните седум натпревари освојував златен медал, се гордеам со постигнатото, но секогаш со поголем труд може и многу подобар успех, се надевам и надвор од границите на нашата држава.

Дали има некои разлики во качувањето на природна во споредба со вештачката карпа?

– Ме исполнува и едното и другото, но секогаш ќе го издвојам качувањето на природна карпа како поинтересно и повозбудливо.

Кои се посакуваните предиспозиции на успешните спортски качувачи, дали можеби е потребен талент, интелигенција..

Фото: Astibo Climbing

– Секако дека е потребен талент и интелигенција, но најважно од сè, како за секој спорт така и за овој, е дисциплина и упорност, потоа редовен и многу често напорен тренинг.

Како изгледа еден ваш обичен ден, дали се занимавате и со други спортови?

– Додека трае училишната година, приоритет нормално е училиштето, три дена во неделата имам тренинг, а слободното време, секогаш кога сум во можност, го поминувам надвор од дома, во природа. Рекреативно сакам да пливам, но не се занимавам со друг спорт, освен со спортско качување.

Фото: Astibo Climbing

Кои се вашите искрени желби и цели за во 2022 година?

– Искрено посакувам сè да се врати во нормала како порано, добро здравје на сите, редовно спортување, бидејќи тоа е пола здравје и на сите оние, што им преставува предизвик екстремен спорт, без оглед на возраста, нека повелат во нашиот клуб „Астибо“. Следната година за цел имам да постигнам уште поголем успех од овој до сега.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ковачевски го доби мандатот за формирање влада

Следно

Собранието на Косово прогласи вонредна енергетска состојба

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian