Судска пресуда во корист на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) беше донесена денеска за случај во кој од профил на социјалната мрежа Фејсбук е напишан коментар под објава на страницата на ЗНМ.
Според пресудата од Основниот кривичен суд, лицето Сашо Митев е виновен по член 394-г од Кривичниот законик и му се утврдува казна затвор од три месеци, која нема да се изврши доколку не го повтори делото во рок од една година по правосилноста на ова дело.
Тој на фејсбук-страницата на ЗНМ на 28 јули годинава напишал вулгарен коментар со омраза со следната содржина: „Племе да ви е*ем новинарско, пи*ки лажговци задолжителен затвор за секој новинар кој шири паника овие годинаипол, сечење јазик на секој новинар“.
ЗНМ за овој коментар на 16 август поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат па компјутерски систем и за предизвикување на омраза, раздор и нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Во барањето за кривично постапување од ЗНМ, се аргументира фактот дека ваквите коментари претставуваат кривично дело, но и дополнително се укажува дека преку евентуалната неказнивост се отвора простор и поттик за дополнителна омраза кон новинарите, што може да резултира и со насилство.