Само еден клуб има попуст доколку во своите редови сака да го донесе актуелниот фудбалер на Јувентус, Матијс де Лихт, и тоа е Барселона која не е обврзана да плати колку што пишува во договорот.
Моментно откупната клаузула за Де Лихт изнесува 120 милиони евра, наредното лето ќе се зголеми на 140 милиони, но Барселона ќе може да го купи одличниот дефанзивец за 75 милиони евра.
Со ова, контроверзниот агент Мино Рајола покажа дека е махер за преговарање и исполнување на желбите на своите клиенти. Де Лихт на совет на Рајола пред две години го избра Јувентус пред Барселона, а се чини дека агентот уште сега го знае следниот клуб во кариерата на Холанѓанецот.
За очекување е финансиската ситуација во Барселона да се подобри во наредните 6-7 месеци со добивање заеми од инвестициски фондови и би имала пари да ги реализира трансферот на Де Лихт.
Згора на тоа, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта има одлични односи со Рајола и ќе се обиде да го убеди агентот да издејствува и Ерлинг Халанд да потпише за каталонскиот тим.