Костадинов: Секое семејство кое ќе запише прваче ќе добие по две илјади денари

2 mins read

Најважен проект во 2022 година е започнувањето со изградба на нова социјална населба во турското маало за која планираме да потрошиме наменски средства, коишто веќе ги имаме обезбедено од страна на Владата и се на основната сметка на општина Струмица во износ од 126 милиони денари, рече градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на денешната седница на Советот на Општината на која се разгледуваше и се усвои буџетот за наредната година.

Покрај овој капитален проект, струмичкиот градоначалник најави изградба на нов ученички дом и пуштање во работа на новата градинка во поранешната касарна, пробивање на булеварот „Братство и единство”, зголемување на помошта за секое новороденче од три на шест илјади денари, а секое семејство кое ќе запише прваче од 2022 година ќе добие по две илјади денари.

Костадинов истакна дека е планирана и директна субвенција на цената на гасот кон домаќинствата од 10 денари по кубен метар со што ќе се поттикне приклучувањето на гасоводната мрежа, како и воведување на нов систем на сообраќај – велосипедска патека како дел од сообраќајот во градот.

-Добивме тригодишен грант од Европската Унија во износ од 750 илјади евра од кои 290 илјади евра ќе ги внесеме во буџетот за 2022 година со што веднаш ќе пристапиме кон реализација на велосипедската инфраструктура низ градот, истакна Костадинов.

Инаку, буџетот на општина Струмица за 2022 година тежи вкупно 1.339.558.259 денари. Од нив 629.820.953 денари или 47 отсто се блок дотации, 35.749.580 денари или 2,5 отсто се однесуваат на самофинансирачки активности на буџетските корисници, 21.479.394 денари или 1,5 отсто се донации и основниот буџет е во износ од 652.508.332 денари или 49 отсто. Буџетот за 2022 година во однос на буџетот од лани е зголемен за скоро 12 отсто.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Франција нуди месечен бонус за медицинските сестри од одделението за интензивна нега

Следно

Се поизвесно е дека Ѓоковиќ ќе ја брани титулата на Австралија Опен

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian