Премиерот Зоран Заев во среда ќе ја поднесе оставката од премиерската функција во Собрание, објави Телма, повикувајќи се на висок функционер на Социјалдемократскиот сојуз.
Откако Заев ќе ја поднесе оставката во Собранието, во оставка ќе биде и цела Влада, а пратениците нема да имаат можност да му поставуваат прашања.
Актот, според изворот од СДСМ, ќе следува по предновогодишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски.
Заев деновиве најави дека идната недела ќе објави кога ќе ја поднесе оставката, но не прецизираше точно кога.
– Овие денови завршуваме со консултациите со коалициските партнери. Тоа што можам да го кажам е дека се заокружуваат важни процеси и програмски и владини и кадровски, така да ќе ја донесам одлуката некаде на почетокот на следната седмица и штом ја донесам веднаш ќе соопштам и кога точно ќе биде формализирана пред Собранието, изјави премирот пред два дена за ТВ24.