Во Скопје се одржа традиционалниот Марш на црвените чадори

3 mins read

По повод 17 декември, Меѓународен ден за стоп на насилството денеска по 14-ти пат се одржа марш на црвените чадори кој почна од спомен куќата на Мајка Тереза, а заврши на плоштадот „Филип II“. Сексуалните работници бараат итна и неодложна декриминализација на сексуалната работа во земјата и признавање на човековите и работничките права.

– Бараме декриминализација на сексуалната работа затоа што декриминализацијата е почитување на човековите права и достоинство и затоа што помага за заштита од насилство и злоупотреба. Бараме декриминализација на сексуалната работа затоа што таа ја ограничува полициската злоупотреба и насилство, го подобрува пристапот до здравствени услуги, го намалува ризикот од ХИВ и сексуално преносливи инфекции, ги унапредува безбедните работни услови, овозможува ефективен одговор на трговјата со луѓе, ја спречува државната контрола врз нашите тела и сексуалност, побараа сексуалните работници пред почетокот на маршот.

Тие испратија порака до институциите дека сексуалните работници се дел од ова општество и треба да ги уживаат нивните човекови работнички права подеднакво со останатите граѓани. Воедно, ја истакнаа потребата од итно донесување на нови правни рамки за регулација на сексуалната работа во земјава и упатија прашање до институциите „Декриминализација кога?“.

Декриминализацијата, како што нагласија, значи поголема веројатност за сексуалните работници да живеат без стигматизација, социјална исклученост и страв од насилство.

– Сексуалната работа се уште не е правно регулирана во земјава. Република Северна Македонија како земја со аспирации за членство на ЕУ има обврска да обезбеди еднакво почитување на човековите права и слободи и унапредување на демократијата. Оттука бараме да бидеме препознаени од институциите и вклучени во процесот на креирање на најдобро законско решение за регулација на нашата работа започнување на измени на член 191 од Кривичниот законик и член 19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Ја поддржуваме досегашната соработка со дел од институциите во земјата, но повикуваме на унапредување на соработка и интензивирање на процесот за декриминализација на сексуалната работа, потенцираа сексуалните работници.

Според досегашните истражувања што ги направи СТАР – Првиот колектив на сексуални работници и негови партнерски организации, сексуалните работнции во нашата земја, особено жените и трансродовите сексуални работници се соочуваат со висок степен на насилство, особено родово базираното насилство, омраза и малтретирање на јавните простори.

Извор: skopjeinfo.mk

Претходно

Мисиците „покосени“ од коронавирусот: Одложен изборот за Мис на светот!

Следно

Објавен документ: Што му предлага Русија на НАТО?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian