Фудбалерите на Баерн убедливо на свој терен ја совладаа екипата на Волфсбург со 4:0, во првиот натпревар од 17. коло во Бундеслигата.
Баварската машина и натаму не може да биде запрена во најсилното германско првенство, играчите на Јулијан Нагелсман уште еднаш ја потврдија доминацијата на домашно тло.
Во првото полувреме единствениот гол за Баерн го реализираше Милер (јубилеен 400 натпревар за клубот) веќе во седмата минута од средбата на „Алијанц Арената“ во Минхен.
Во понатамошниот дел од мечот само се редеа шансите пред голот на гостите, а во листата на стрелците се запишаа уште Упамекано, Сане и Левандовски.
Полјакот Левандовски стигна до 43 гол во календарската година и така го надмина рекордот на легендарниот Герд Милер стар 50 години. Левандовски воедно со новиот гол стигна до бројката од 19 во оваа полусезона и доколку в сабота Ерлинг Халанд (Борусија Дортмунд) не постигне хет-трик, ќе биде крал на стрелците во Бундеслигата во првиот дел од сезоната.
Баерн сега има девет бодови повеќе од второпласираната екипа на Борусија Дортмунд која својот меч ќе го има в сабота во Берлин против Херта.