Што прави денеска: Јана Серафимова, ТВ-уредник и водител

4 mins read

Јана Серафимова за кратко време стана препознатливо ТВ-лице. Од 2016 година е дел од македонскиот телевизиски етер, како новинар, водител, а во моментов и автор на емисијата „Ферплеј“ посветена на спортот. Јана по професија е дипломиран музичар, иако никогаш немала посериозен ангажман на тоа поле, поради обврските во медиумите кои ги започнала веднаш по дипломирањето, а истовремено и поради љубовта кон телевизиската работа и секојдневие. Досега беше дел од редакциите за култура и забава, а од септември стана дел од спортска редакција што, како што вели таа, за неа е голем предизвик, голема одговорност, но и задоволство со оглед на тоа што спортот одамна е присутен во нејзиното секојдневие.

Јана ни долови како изгледа едно нејзино секојдневие.

„Почетокот на денот и утрото за мене се најубави тогаш кога не морам да станам рано. Дополнително, сè е поубаво кога има сонце, па затоа во зима кога е студено и облачно процесот на будење ми трае долго, мојот аларм ѕвони неколкупати додека конечно да успеам да станам. Една од најубавите работи во животот е да се будите покрај личноста што најмногу ја сакате и ве сака, па благодарна сум што јас ја имам таа среќа. Речиси секое утро уживам во утринското кафе, турско, и тоа најчесто го пиеме заедно со мојот свршеник Горан. Во последно време работни обвски имам шест дена во неделата и секој ден ми е исполнет со многу работа и адреналин.

Јана Серафимова/Фото: Приватна архива

Во деновите кога снимам емисии, голем дел од времето го минувам во подготовки на изгледот, шминката, фризурата, облеката, а уште поголем дел за соодветна подготовка на интервјуата и содржините. Целта ми е секогаш публиката да ужива, да се мотивира и едуцира.

Јана Серафимова/ Фото: Приватна архива

Од септември, откако сум уредник и водител на спортски вести, искрено уште пред да заминам на работното место почнувам со селектирање на соодветните информации, кои се трудам да бидат креативни и интересни за спортските фанови. Најголем дел од денот го поминувам во телевизија.

Јана Серафимова/Фото: Приватна архива

Кога имав повеќе слободно време, попладне рекреативно спортував, неколку дена во неделата. Кик-бокс тренинзите беа нешто што совршено ми одговараше. Се чувствував многу убаво во своја кожа затоа што имав многу енергија, сила и позитивно расположение. Сега, искрено, време за тоа немам и затоа кога сум слободна се трудам да поминам повеќе време со луѓето што ги сакам. Со Горан, убаво ми е што и да правиме заедно. Најчесто, попладне знаеме да излеземе на ручек, вечера или некој пијалак во Дебар Маало, бидејќи тоа е моето омилено место во градот и покрај метежот, а и тоа е на некој начин „наше маало“, затоа што ни е на само неколку минути од дома. Нешто што понекогаш знае да ме растажи по напорен и успешен ден е фактот што немаме повеќе време кое сакаме да го поминеме со нашите родители, блиските роднини и пријатели.

Најмногу ми недостасува брат ми Никола, кој поради неговиот спортски ангажман не живее во Македонија и се гледаме ретко.

Јана Серафимова/Фото: Приватна архива

Попладне или навечер, со блиските знаеме да одиме на некој спортски натпревар, а одиме и на претстави или концерти кај моите поранешни колеги во Опера и балет или во Филхармонија. Супер е кога денот може да заврши со журка, но за тоа ќе почекаме побезбедни времиња. Сега, мене денот ми завршува мошне рано, бидејќи одмор ми е и повеќе од потребен.“

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во МАНУ научен собир посветен на 650 години од Битката на Марица

Следно

Пред две години милиони туристи, а годинава само 45

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian