Руското Министерство за надворешни работи објави документ што официјална Москва го испрати до НАТО за безбедносните гаранции, за кои неодамна разговараше и рускиот претседател Владимир Путин, а кои првенствено се однесуваат на проширувањето на военото присуство на Алијансата на западните граници на Русија.

Главната точка во документот имплицира дека Русија и САД нема да распоредуваат оружје на територии кои можат да претставуваат закана за националната безбедност. Во исто време, Русија предлага да не се распоредуваат дополнителни сили на териториите на европските земји во однос на оние кои беа распоредени на 27 мај 1997 година, кога беше потпишан Основачкиот акт Русија-НАТО.
Москва, исто така, предлага да се постигне договор ниту Русија, ниту НАТО да не распоредуваат ракети со среден и краток дострел на територии кои се во дострелот на националните цели.
Се наведува и дека Русија и НАТО треба да се договорат да не создаваат ситуации кои би можеле да се толкуваат како потенцијална закана.

Русија бара од Алијансата да се обврзе дека нема да ја вклучи Украина во алијансата. Исто ветување Москва бара и за другите поранешни советски републики кои евентуално би барале влез во НАТО
Москва , исто така, бара НАТО да се откаже од воените активности во Украина, Источна Европа, Централна Азија и Кавказ.

Дополнително, Русија предлага да се постигне договор Москва и НАТО да соработуваат за да спречат инциденти во Црното и Балтичкото Море, и во водите и на небото.
„Договорот ќе ги обврзе Русија и членките на Алијансата да не се сметаат меѓусебно за противници.
„Документите ќе го поддржат дијалогот и ќе соработуваат за воспоставување механизми за спречување какви било инциденти во Црното и Балтичкото Море“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Исто така, Москва ги повикува САД и другите членки на Алијансата да ги земат во предвид овие предлози многу сериозно, бидејќи ситуацијата на меѓународната сцена е многу „наелектризирана“.