Интервју со нашите претставници од „Дајте музика“: Ако победиме на Детската Евровизија, ќе ја поканиме Грета Тунберг во Македонија!

14 mins read

Тинејџерите Анастасија, Филип, Кики и Миха, кои во недела, на 19 декември ќе нѐ претстават на Јуниорската Евровизија, веќе неколку дена во Париз интензивно се подготвуваат за големиот настан.

Велат дека се неизмерно среќни што ќе имаат можност со песната „Green Forces“ на Европа да ѝ ја пренесат моќната порака за климатските промени и да создадат будност кај својата генерација и кај своите бројни фанови за заштита на животната средина. Ѕвездите од „Дајте музика“, кои важат и за фаворити на Детскиот Евросонг, не се оптоваруваат со очекувања за тоа кое место ќе го освојат, туку гордо констатираат: „Ќе настапиме на најголемата јуниорска сцена, каде што ќе пренесеме огромна порака, зарем тоа не е врвот?“

Само неколку дена сте во Париз, а Европа веќе знаеше за четворицата македонски тинејџери, прекрасни вокали. Со над еден милион прегледи откако е објавено видеото на песната со која ќе настапите на Детската Евровизија, и со веројатно најмалку двојно повеќе фанови, имате ли чувство дека врвот не е недостижен?

МИХА: Убаво е чувството кога ќе пренесете универзална порака што е важна за целото човештво, па макар и преку видеоспот кој има речиси 1,6 милиони прегледи и навистина сме пресреќни заради тоа! Имаме и многу видеа на Јутјуб од евровизиски фанови, кои дискутираат за нашата песна и коментарите се одлични! Им благодариме на сите за поддршката!

ФИЛИП: А, за нашиот настап имавме поддршка од тим од преку педесеттина луѓе, на кои сме им неизмерно благодарни! Ние ќе настапиме на најголемата јуниорска сцена, каде што ќе пренесеме огромна порака, зарем тоа не е врвот?

Како тече периодот на подготовка за настапот на Детскиот Евросонг и дали веќе имате понуди да ве запознаат медиумски и во Париз?

КИКИ: Подготовките за настапот на 19 декември се одвиваат навистина напорно. Веќе ја имавме првата сценска проба, поминавме одлично и ја почувстувавме магијата на големата сцена.

СТАСИ: А, околу практичните подготовки, активни сме од 9 наутро до 19 часот навечер. Се наоѓаме во затворен „балон“ – како што тука го нарекуваат. Секое утро се тестираме, имаме растегнувања, кондициски тренинзи, вежби по пеење со Роберт Билбилов, а потоа кореографија со Теа Еурека. Бевме на снимање на симулација на отворањето и заедничката песна на сите учесници што годинава е новина на јуниорскиот Евросонг.

ФИЛИП: Не ни е дозволено да го напуштаме хотелот и не се мешаме со другите делегации, за што навистина ни е жал! Се среќаваме само на разминување од една на друга активност или во дворот од хотелот на отворено, но ретко! Ќе беше навистина посебно чувство да можевме повеќе да се дружиме, да ја почувствуваме енергијата на другите тимови, а и да имаме можност и ние да се покажеме.

МИХА: За четири дена во Париз, имавме и интервју за германската телевизија НД1, за „Junior Eurovision TV“, за неколку евровизиски блогови… постојано има интерес за нас. Мислам дека поминавме навистина добро!

Едукативно-забавниот серијал „Дајте музика“ ве прави подготвени и опуштени за настапи, но факт е дека на 19 декември ќе настапите пред огромен аудиториум, пред илјадници камери, гледачи, слушатели и критичари. Почнувате ли малку да стравувате од вниманието кое го предизвикувате?

СТАСИ: На првата проба во „La Seine Musicale“ имаше преку 30 камери што го снимаа настапот, илјадници светла и огромна површина на сцената на која ни се чинеше дека нема да се гледаме!

МИХА: Но мислам дека кога на настапот ќе добиеме добра енергија од публиката, на која исто возвраќаме, сѐ ќе биде поинаку.

ФИЛИП: Со „Дајте музика“ во Македонија навистина имаме големо искуство: 90 епизоди во серијалот, три музички ЦД-а каде што секој од нас има свој сингл, заедничка театарска претстава, неколку настапи во живо, навистина сeто тоа е скапоцено искуство!

КИКИ: Министерот Нуредини при нашата средба рече: Вашата песна можеби не е доволно гласна за да ја пренесе пораката, но таа е дел од големата сложувалка. Колку сме ние погласни, како иднина на светот, толку повеќе ќе има притисок врз возрасните да преземат конкретни активности.

Иако доаѓате од мала држава, имате силен адут во ракавот – креативни сте, успешни, имате визија и цел како да ја претставите нашата земја и гласно да зборувате за проблемот кој е заеднички на глобално ниво. Што значи за вас претставувањето на Македонија на европска сцена?

КИКИ: Без оглед на тоа што Македонија важи за мала земја, ние имаме преубава музика, македонските филмови имаат светски успеси, имаме светски познати спортисти, имаме способни, вредни и креативни луѓе од сите професии, така што нема од што да се плашиме, туку, напротив, горди сме што ќе учествуваме на еден ваков голем настан! Напорно работевме на целиот проект и ќе дадеме сѐ од себе да бидеме на висина на задачата.

Темата и пораката која треба да ја пренесете преку песната и преку настапот е заштита на животната средина и последиците од климатските промени. Се чувствувате ли во некоја рака како младата шведска активистка Грета Тунберг, односно како ете да кажеме „музички активисти“, кои преку музика силно апелираат за спас на планетата Земја?

КИКИ: Во процесот на подготовки за Јуниорски Евросонг, имавме обуки на тема екологија или заштита на животната околина, кои ги работевме со претставници на „О2 иницијативата“. Зборувавме за различните видови загадување, што може секој од нас да направи, што можат политичарите кои ги носат одлуките, што може бизнис-индустријата. Ние сфативме дека екологијата не е воопшто „здодевна“ тема како што нашите врсници понекогаш знаат да кажат, но за жал, не се обрнува доволно внимание на проблематиката. Преку практични примери, ние сфативме дека грешиме во нашиот однос кон околината во која живееме. Не е дека градот ни е загаден само од сообраќајот или дека годинава имало повеќе комарци од вообичаено или дека појавата на штетници на Водно или нов рис во Маврово е случајност – сето ова се резултати на загадувањето, климатските промени и глобалното затоплување! А, нашата земја е меѓу топ 10 најзасегнати од климатските промени.

СТАСИ: Сфативме дека со рециклирањето на ѓубрето не само што можеме да помогнеме во намалувањето на загадувањето, туку и да заштедиме. Периодов беше актуелна забраната за користење на пластични ќеси. За да се произведе едно ќесе, потребни се 5 секунди, но за да се распадне, треба да поминат 250 години. Користењето на платнена торба е навика која со тек на време секој може да ја стекне.

МИХА: Филип имаше прашање во Париз за тоа што би направиле ако победите, а неговиот одговор беше: ќе ја поканиме Грета Тунберг во Македонија!

Затоа што сте и ученици, која е вашата оценка за тоа дали екологијата како суштинска наука, зазема и соодветно место во наставата? Освен учебници или лекции, постојат ли вистински акции кои во текот на вашиот развој како ученици ви наметнуваат чувство на будност за заштита на животната средина, за сериозната опасност од загадување…?

КИКИ: Во текот на обуките, ни беше дадено „домашно“ да избереме три еколошки организации во кои би сакале да се вклучиме, односно кои се интересни за нас. Јас ги одбрав „О2“ заради нивните активности за почист воздух, „Биди зелен“ заради разбирливиот начин на презентирање на еколошките активности и младинското организирање и „Не биди ѓубре“, на кои навистина би сакала да им се приклучам во некоја акција за чистење на градот. Информаците за еколошки здруженија или организации се недоволно достапни, а оние што ги има се премногу опширно напишани. Многу наши врсници не ги третираат темите за еколошки активизам, а исто така во училиштата не се обрнува доволно внимание за екологијата. Моето училиште „Нова“ имаше донаторска акција за канти за отпадоци на територијата околу училиштето, но такви или слични активности треба да има многу повеќе, каде што ќе се вклучат уште повеќе младите, зашто екологијата се учи од најрана возраст.

Филип, Миха, Кики и Стаси, има ли некој од вас посебно, или, пак, имате ли заедничка идеја која со тек на време може да ја претворите во концепт, како може да се намали загадувањето? Колку е важно, според вас, вашите врсници да станат свесни за овој глобален проблем?

МИХА: При нашата средба со министерот за животна средина, Насер Нуредини, предложивме активностите со пластиката да се однесат чекор понатаму – зошто да не организираме натпревар за собирање на пластични шишиња кои понатаму би биле дадени на рециклирање? Рециклирањето, транспортот и обновлива енергија се трите главни работи кои можат да направат огромна разлика.

ФИЛИП: Прашањето за мобилноста го поставивме и на министерот Нуредини. За да стигнам до кај Миха со велосипед или со тротинет, потребни ми се 10-15 минути од Капиштец до Аеродром. Но, ако некој ме однесе со автомобил, тоа се најмалку 25 минути до таму, плус 25 назад. Иако многу сакам возење со велосипед и тротинет, немам можности за тоа: има премногу возила и нема безбедни и чисти патеки. Од друга страна, свесен сум дека возењето со автомобил е втор по ред загадувач кај нас.

Имате ли порака до авторитетите – политичари, бизнисмени, активисти, но и до вашата генерација, за тоа што секој од нив може да направи и со што макар малку може да придонесе во наоѓањето решение за сериозната микро, но и глобална климатска криза?

КИКИ: Некогаш малите едноставни нешта кои секој може без проблем да ги направи, можат да значат многу за нашата животна околина. Би го споменала фрлањето на ѓубрето каде што му е местото, исклучување на полначот од штекер кога мобилниот ќе се наполни, комплетно исклучување на компјутерот ако не го користиме, гаснење на светлата, донирање на облеката која не ни е потребна, делење на транспортот со некој кој оди во ист правец, ако нема можност за пешачење, велосипед или друго транспортно средство кое помалку загадува… листата е навистина долга, а решенијата се едноставни. Ако седиме и не правиме ништо, ние сме дел од проблемот, но ако направиме нешто корисно, ќе станеме дел од решението. Ние сме генерацијата која мора да направи разлика пред да биде предоцна. Затоа велиме, ајде заедно да направиме нешто корисно!

Напомена: Гласањето започнува на 17 декември во 20:00 часот, а завршува на 19 декември во 15:59 часот, на веб-страница www.junioreurovision.tv. Треба да изберете 3 земји, исто така можете да гласате и за сопствената држава. Последното гласање ќе биде повторно отворено на 19 декември, 15 минути по завршувањето на финалето, на истата веб-страница. Резултатите се добиваат како комбинација од онлајн-гласовите на интернационалната публика (50 отсто од вкупните бодови) и поените од националните жирија 50 отсто од вкупните бодови)! GO GREEN FORCES!​

ВАЖНО!!! Од еден уред може да се гласа повеќе пати!

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Крај на соработката – Ериксен и Интер го раскинаа договорот

Следно

Ема Вотсон покажа волшебна фигура на Барбадос, фановите воодушевени (ФОТО)

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian