Франција најави дека ќе го намали времето помеѓу втората и третата доза вакцина против Ковид-19 на четири месеци и ќе бара од луѓето да покажат доказ за вакцинација за да влезат во некои места поради ширењето на омикрон-сојот.
Според информациите, мерката ќе стапи во сила од јануари, најави денеска францускиот премиер Жан Кастек.
Тој исто така рече дека големите јавни настани и огнометот ќе бидат забранети на новогодишната ноќ и препорача луѓето, дури и ако се вакцинирани, да поминат самотест на Ковид-19 пред да одлучат да учествуваат на собири и забави на крајот на годината, пренесе „Ројтерс“.
Владиниот портпарол Габриел Атал на 14 декември изјави дека во земјата има околу 130 потврдени случаи на омикрон и дека здравствените власти постојано ја следат состојбата кога станува збор за епидемијата.