Во Грција освен со ПЦР ќе може да се влезе и со рапид тест, привремената мерка важи за сите над пет години

3 mins read

Освен со ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето, во Грција, од недела ќе може да се влезе и со негативен рапид тест направен 24 часа пред пристигнувањето, објасни алтернативната министерка за здравство на Грција, Мина Гага на денешната редовна прес-конференција за текот на пандемијата во земјата, додавајќи дека мерката важи за сите над пет годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина.

Гага рече дека мерката ќе се спроведе на сите влезни точки и „се однесува на сите што влегуваат во земјата, Грци и странци, вакцинирани или не, над пет годишна возраст”, а одлучено е, како алтернатива да постои и опцијата рапид тест за да се избегнат евентуалните проблеми поради затворени лаборатории заради празниците.

Паралелно, го повтори она што претпладнево го објасни портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому дека станува збор за привремена мерка за периодот околу божиќните и новогодишните празници и за да се спречи ширењето на Омикрон.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, Иконому истакна дека „оние кои ќе доаѓаат во земјата од странство на било кој начин, или авионски или со возила преку копнените граници, дури и да се вакцинирани ќе треба да имаат ПЦР тест од 72 часа”.

– Тоа е вонредна мерка за празничниот период, со апсолутно конкретна филозофија. Колку што можеме повеќе да контролираме и да забавиме поголемо ширење на омикрон, со цел да добиеме време за зголемување на имунизациската покриеност со бустер дозата. Со оглед на тоа дека овој период ќе има раздвиженост или со наши сограѓани кои ќе се вратат во земјата за празниците или граѓани кои ќе одат во странство и ќе се вратат, неопходна е мерка што, како што знаете ја спроведуваат и останатите европски земји, а карактерот ќе биде привремен. Во однос на временскиот период не би сакал од сега да се обврзам со точниот датум на траење, но генерално е за овој период околу празниците, рече Иконому одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа дека мерката се однесува на сите земји, важи и за туристите од Северна Македонија.

Исклучок постои за оние патници кои во земјите престојувале помалку од 48 часа.

Детали околу конкретната мерка, како што е пракса во Грција, ќе има во министерската одлука што дополнително ќе биде објавен во Службен весник.

Како што вчера објави МИА, мерката ја соопшти Министерството за здравство на Грција и првично беше дека тестот треба да биде 48 часа, додека пак портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, претпладнево објасни дека тестот треба да биде 72 часа пред патувањето, а сега се воведува и можноста за рапид тест.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Цената на гасот порасна за речиси 10 проценти

Следно

ШОК: Хамилтон размислува за повлекување од Формула 1?!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian