Што прави денеска: Ирина Тошева, модна дизајнерка

2 mins read

Ирина Тошева е секогаш препознатлива по своето творење и креации, а секоја нејзина модна приказна испраќа моќна порака. Тошева постојано е дел од проекти чија цел е да се подобри социјалната инклузија и да се обезбедат подобри можности за ранливите групи. Нејзината нова модна колекција наречена „Зина“ e инспирирана од споменикот „Жена борец“ на академик Боро Митриќески, кој ги чествува жените учесници во Народноослободителната борба, меѓу кои има и седум народни хероини по кои се наречени облеките.

Овој пат Ирина ни раскажа како се одвива едно нејзино секојдневие.

„Го сакам утрото и тишината што ја носи, па независно на обврските, секогаш станувам рано.
Денот ми започнува со прошетка на миленичките и кафе покрај компјутер, читајќи ги модните новости и дневните вести. Претрчувам до Старата скопска чаршија, која обично се буди околу 9 часот, купувам што ми треба, најчесто појадувам „на нога“ и продолжувам во работилница на изработка на тековните нарачки.

Ирина Тошева/Фото: Ерина Богоева

Пладнето ми е време за пауза со подолга прошетка на Мини и Блашка, покрај Вардар. Уживаме во галењето на последните зраци од сонцето годинава, трудејќи се повеќе да уживам, отколку да гледам во телефонот. Кога временските услови и обврските ми дозволуваат, го шетаме „целиот круг“ од 40-тина минути и се враќам назад на работа.

Ирина Тошева/Фото: Приватна архива

Овој дел од денот најчесто го поминувам покрај компјутер, на разни конференции или онлајн часови кои ги посетувам. Ме радува и исполнува разговорот со луѓе од разни места низ светот, нивните предизвици, искуства и гледишта. По ручекот се враќам во работилница на последните подготовки пред терминот со клиентките, кои се нестрпливи да ги пробаат облеките од новата колекција, изработени по мерка.

Ирина Тошева/Фото: Influenser.mk

Периодов работам и на костимите за една театарска претстава, па често одам на проба. Го обожавам театарот, енергијата што ја носи, животот на сцена и тоа мало бегство од реалноста.
Вечерта по последната прошетка ја минувам гледајќи нова епизода од омилените серии. Денот најчесто завршува со заклучок дека е прекраток за да направам сè што сум намислила.“

Ирина Тошева/Фото: Приватна архива

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Затворска казна од 4 месеци за Бугарин за ширење омраза кон македонскиот народ

Следно

Советниците од Левица во Совет на Град Скопје поднесоа барања за ревизија на неколку јавни претпријатија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian