Почина Ванчо Георгиевски, творецот на феноменот ФК Балкан Стококомерц

2 mins read

Денеска, наместо на прославата 100 години од формирањето на еден од најстарите македонски фудбалски клубови Балкан, поранешни фудбалери и членови на Управата на клубот беа на погребот на најпознатиот клупски претседател Ванчо Георгиевски, кој почина на 79 години.

Под негово водство, ФК Балкан Стококомерц три сезони по ред беше првак во лигите во кои се натпреваруваше и прескокна три ранга за да стаса до некогашната Втора југословенска лига. Да не се случеше распадот на Југославија, фудбалскиот поход на „тајфунот од Чаир“ веројатно немаше тука да запре.

Георгиевски беше член на Управниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Македонија и еден од четворицата кандидати за прв претседател на Сојузот во самостојна Македонија. Како успешен стопанственик, љубовта кон фудбалот не ја искажуваше само преку спонзорство на чаирскиот клуб, туку го помагаше и ФСМ.

Бројни таленти својата афирмација ја постигнаа откако минаа низ лакмусот на врвните фудбалски познавачи, Ванчо и неговиот брат Благоја Георгиевски. Нивната фудбалска филозофија како успешна приказна на теренот во тој период ја преточи и шефот на стручниот штаб Зоран Мишиќ.

Иако Балкан Стококомерц функционираше на полупрофесионална основа (дел од фудбалерите беа вработени во фирмата на Георгиевски), сепак, клубот дишеше како едно семејство, а таквата атмосфера во соблекувалната, на тренинзите и на натпреварите придонесе малата екипа од Чаир да направи подвиг достоен за Гинисовата книга на рекорди – од тогашната Втора македонска лига стаса и до силната Втора лига – Исток, во годината кога Југославија беше петта фудбалска велесила на светот (официјален пласман на Светското првенство во Италија).

Стогодишниот јубилеј на Балкан ќе се одбележи во друга прилика, за жал, без физичкото присуство на Ванчо Георгиевски, фудбалскиот челник, чиј подвиг уште долго ќе остане ненадминат, не само во регионот, туку и пошироко.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ковачевски за „Слободен печат“: Оптимист сум за квалитетна програма на новата влада

Следно

Потврдени првите пет случаи на омикрон во Црна Гора

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian