Најочекуваните филмови за 2022

9 mins read

Филмската индустрија се соочи со исклучителни предизвици последниве две години, како последица на пандемијата која во 2020 принудно прекина голем број филмски процеси и ги затвори кино салите и филмските студија ширум светот.

Иако опасноста е далеку од одмината, како и останатите индустрии во светот, така и филмската, се чини дека оваа година полека се враќаат „на нозе“. Снимањата продолжија во нови услови, а кино салите се отворија со ограничен капацитет, па така, имаме оправдана причина да останеме оптимисти и да се надеваме дека најголемиот дел од филмовите закажани за 2022 ќе пристигнат во кината на датумите за кои се предвидени.

Оваа 2022 година ќе понуди голем број на продолжетоци на веќе започнати франшизи, меѓу кои се вбројуваат и филмови на Marvel и DC. На оваа листа се наоѓаат најновите „Thor“, „Doctor Strange“ и „Aquaman“, како и долгоочекуваното деби на Роберт Патинсон како Бетмен. Том Круз ќе се појави во два филма, „Mission Impossible 7“ и „Top Gun: Maverick“, додека пак Кијану Ривс ќе се врати за четвртиот филм за „John Wick“, а се очекува и „Avatar 2“ на Џејмс Камерон.

Меѓу другото, за 2022 се најавени и „Turning Red“ на Pixar, акциониот филм „Bullet Train“ со Бред Бит, викиншкиот трилер „The Northman“ на на Роберт Егер, „Killers of the Flower Moon“ на Мартин Скорсезе, како и многу други од кои следниве 10 филмски наслови се помеѓу најочекуваните:

1. The 355

Премиера: 7 јануари

Овој акционен шпионски филм предводен од жени е во режија на Сајмон Кинберг, кој исто така е познат по неговата работа на филмската франшиза „X-Men“, како и „Mr. & Mrs. Smith“ и „Sherlock Holmes“, додека пак косценарист е Тереза Ребек.

Станува збор за група меѓународни агенти кои се здружени за да повратат строго тајно оружје. Импресивната актерска екипа ги вклучува Џесика Честејн, Лупита Нионго, Дајан Кругер, Пенелопе Круз, Фан Бингбинг, Себастијан Стен и Едгар Рамирез.

2. Scream

Премиера: 14 јануари

Дваесет и пет години откако бруталните убиства го шокираа мирниот град Вудсборо, нов убиец ја облекува маската Ghostface и почнува да тероризира група тинејџери со цел да ги воскресне тајните од мрачното минато на градот.

Режисери на петтиот „Scream“ се Мет Бетинели-Олпин и Тајлер Жилет, а сценариото е на Џејмс Вандербилт и Гај Бусик. Филмот е продуциран од Вандербилт, Пол Нејнштајн и Вилијам Шерак, а оригиналниот сценарист, Кевин Вилијамсон, е во улога на извршен продуцент.

3. Morbius

Премиера: 28 јануари

Најновиот спин-оф на „Spider-Man“, во продукција на Sony, се фокусира на „живиот вампир“ Морбиус. Џаред Лето ја презема главната улога како научникот Мајкл Морбиус, кому му се дадени вампирски супермоќи откако експериментот за лекување на крвна болест ќе тргне наопаку. Во актерската екипа се и Мет Смит и Џеред Харис, а режисер е Даниел Еспиноза, кој претходно своите жанровски вештини ги покажа со научно-фантастичниот хорор „Life“.

4. Moonfall

Премиера: 4 февруари

Извршен директор на НАСА, астронаут и теоретичар на заговори патуваат во вселената за да го спречат паѓањето на Месечината во Земјата. Звучи како почеток на виц, но ова е премисата на најновиот филм на режисерот на „Independence Day“ и „2012“, Роланд Емерих, каде Патрик Вилсон и Хали Бери ќе се појават како дел од тимот кој ќе мора да лета внатре во Месечината, со цел да го спречат нејзиното брзо движење кон Земјата, што би предизвикало уништување низ целиот свет.

5. The Batman

Премиера: 4 март

Во првото од трите изданија на DC во 2022 година, Роберт Патинсон се појавува како млад Брус Вејн, во неговата втора година како борец против криминалот во Готам. Режисерот Мет Ривс вети мрачна и „ноар“ верзија на „Dark Knight“, а споредната екипа ги вклучува Колин Фарел како Пингвин, Пол Дано како Ридлер, Зои Кравиц како Жена-мачка, Џефри Рајт како Џим Гордон и Енди Серкис како Алфред.

6. The Northman

Премиера: 8 април

Следниот филм на режисерот Роберт Егерс („The Witch“, „The Lighthouse“) е интензивен викиншки филм, во кој глуми Александар Скарсгард како нордиски воин во мисија да изврши крвава одмазда. Во филмот ќе се појават и Никол Кидман, Итан Хок, Ања Тејлор-Џој, Вилем Дефо и Бјорк.

7. Fantastic Beasts: The Secrets of Dumbledore

Премиера: 15 април

Иако вториот филм за фантастичните ѕверки беше критичко и комерцијално разочарување, постои надеж дека третиот дел ќе надомести, внесувајќи дел од старата добра магија на Хари Потер. Мадс Микелсен го заменува Џони Деп како злобникот Гелерт Гринделвалд, а Еди Редмејн, Џуд Ло, Кетрин Вотерстон, Ден Фоглер, Алисон Судол и Езра Милер ги повторуваат своите улоги од претходните филмови.

8. Black Panther: Wakanda Forever

Премиера: 11 ноември

Иако смртта на актерот Чедвик Боузман во 2019 година го доведе во прашање продолжението на Марвеловиот „Black Panther“, овој филм ќе се фокусира на Шури, помладата сестра на Т’Чала, чија улога ја толкува актерката Летиција Рајт. Режисер на филмот повторно ќе биде Рајан Куглер, а членовите на актерската екипа за кои се очекува да се вратат на платното се Лупита Нионго, Данаи Гурира, Мартин Фримен, Винстон Дјук и Аџгела Басет.

9. Avatar 2

Премиера: 16 декември

Долгоочекуваното продолжение на револуционерниот научно-фантастичен блокбастер на Џејмс Камерон од 2009 година, конечно ќе ја има својата премиера во 2022. Филмот ќе не врати на планетата Пандора, со голем дел од приказната сместена во и околу нејзините океани. Сем Вортингтон, Зои Салдана, Стивен Ланг и Џовани Рибиси ќе се вратат во своите улоги од првиот филм, додека пак новата актерска екипа ги вклучува Кејт Винслет, Вин Дизел и Мишел Јео.

10. The Killers of the Flower Moon

Премиера: Непознато

Историската криминална драма на Мартин Скорсезе се фокусира на истрагата за убиствата на Осеј луѓето во Оклахома во 1920-тите. Ѕвездената актерска екипа ги вклучува Леонардо ди Каприо, Џеси Племонс, Роберт де Ниро, Брендан Фрејзер и Џон Литгоу. Сценриото за филмот чиј автор е Ерик Рот („Dune“, „Forrest Gump“) е адаптација на најпродаваната нефикциона истоимена книга на Дејвид Гран.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шоле со закана кон Додик: Следат последици за корупција и за антидејтонско дејствување

Следно

Град Скопје реши 165 барања од граѓаните за десет дена, доставени преку електронската адреса

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian