Учениците од ОУ „Димитар Македонски“ во второто полугодие ќе учат во нов објект

2 mins read

По неколкугодишна изградба, Основното училиште „Димитар Македонски” во населба Лисиче доби нов објект во кој учениците ќе почнат да ја следат наставата во второто полугодие на учебната 2021/2022 година.

Училиштето е изградено на местото на стариот објект кој беше урнат. Оставена беше само спортската сала која е реновирана.

Министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на училиштето соопшти дека за изградбата МОН вложило околу 58 милиони денари и 2,5 милиони денари за опремување на кабинетите за предметите физика, хемија и биологија, а има и дигитални табли во секоја училница за поддршка на дигитализацијата во образованието.

-Главна цел на МОН е подобрување на квалитетот на образованието и пристап до образование за секое дете. Тоа се случува низ три столба – инфраструктурно подобрување и инвестиции во објектите на училиштата, подобри програми – кои веќе се имплементираат во прво и четврто одделение и трета компонента – добри и квалитетни наставници кои редовно посетуваат обуки. На овој начин може да постигнеме подобри резултати кај учениците во основното образование и тие да бидат подобри и на меѓународните тестирања, рече Царовска.

Директорката на ОУ „Димитар Македонски“ Јулијана Тодоровска истакна дека долго чекале да добијат нова училишна зграда.

-Долго време го очекувавме моментот да влеземе во ново училиште, да почне нормален процес на настава и од второто полугодие ќе почнеме со воспитно-образовна работа во новиот училиштен објект, согласно протоколите, рече Тодоровска.

Посочи дека објектот има капацитет за околу 700, а сега во училиштето има 550 ученици. Девет паралелки се со продолжен престој, а останатите ќе следат настава во две смени.

Извор: skopjeinfo.mk

Претходно

Да останев во брак сигурно сè уште ќе пиев: Бен Афлек се отвори за разводот со Џенифер Гарнер

Следно

Велика Британија објави рекорден број нови случаи на ковид, дури 78.610 во последното деноноќие

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian