СЗО предупредува, Македонија уште не тестира омикрон

4 mins read

Светската здравствена организација предупреди дека сојот омикрон на коронавирусот се шири со најголема брзина во споредба со другите варијанти и повика светот да ги искористи сите расположливи алатки за да се бори со пандемијата. Директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус посочи дека само вакцините не се доволни да ги заштитат земјите од кризата.

Сојот омикрон галопира во европските земји, а Британија го пријави и првиот смртен случај на заразен со оваа варијанта од вирусот. Во Македонија засега нема детектирани случаи, зашто нема епидемиолошки причини за да се секвенционира токму овој сој. Сепак, се препорачува да се прими трета доза вакцина шест месеци по втората за дополнителна заштита.

Д-р Милена Стевановиќ, директорка на Инфективната клиника, Фото: Слободен печат

Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, доктор Милена Стевановиќ, за „Слободен печат“ вели дека засилувачката доза е апсолутно препорачлива за заштита од омикрон.

– Трета доза апсолутно се препорачува по шест месеци од втората доза. Препораката за вакцинирање е најмалку еден месец по прележан ковид-19. Треба сите да се вакцинираат и на таков начин да се минимизираат можностите за инфекција, без разлика за кој сој станува збор, вклучително и омикрон – ни рече доктор Стевановиќ.

Таа додаде дека на Клиниката во моментов се хоспитализирани 80 пациенти и дека тоа е едно плато што се одржува од летниот период кога опадна бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација и поради тоа се затвори модуларната болница.

– Имаме и прилично млади пациенти, од 35 години нагоре. Има и пациенти со потешка клиничка слика, со коморбидитети и компликации – вели Стевановиќ.

Директорката додава дека во болницата досега не биле забележани пациенти со нетипични симптоми и затоа не се испратени материјали на секвенционирање во ИЈЗ или во МАНУ. Досегашните индиции се дека омикрон го нема во земјава, но потврдата дека сомнителен брис содржи омикрон, бара целосна генетска анализа, која понекогаш одзема 10 до 14 дена.

– ИЈЗ и МАНУ имаат систем за следење на соевите со земање примероци за секвенционирање. Ние испраќаме примерок само кога ќе забележиме промена, не секогаш таа е резултат на нов сој. Може да има пациент што бил во епидемиолошки ризик, на пример, патување или контакт со друг човек од ризично подрачје, но по дифолт не испраќаме примероци за откривање, таа обврска ја има ИЈЗ – додава доктор Стевановиќ.

Британските експерти за Би-би-си велат дека новата варијанта се шири четирипати побрзо отколку делта варијантата и дека може да го потисне сојот делта до Божиќ, создавајќи големи бранови на инфекција. Неколку клинички студии веќе покажаа дека неутрализирачките антитела од вакцината кога ќе се соочат со омикрон, опаѓаат драстично, што значи дека повеќе луѓе може да се инфицираат и да го шират вирусот. Се очекува вакцините да штитат од сериозна клиничка сика, а бустер-дозата придонесува за највисок степен на заштита.

Приватните лаборатории не секвенционираат соеви

Ниту еден примерок не е испратен во лабораторијата на Институтот за јавно здравје во Скопје за дополнително да се тестира дали станува збор за заболени граѓани од омикрон. ПЦР-тестот не е доволен за да се детектира вирусот и неопходни се дополнителни генетски секвенционирања во сертифицирани лаборатории, какви што во земјава нема многу.

Приватните лаборатории во земјава, со исклучок на една, немаат техничка можност да детектираат за која варијанта станува збор. Тестот во приватните лаборатории само покажува дали пациентот е позитивен или негативен, без прецизирање на варијантата на зараза.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Поранешниот авганистански претседател: Ги повикав талибанците во Кабул да го прекинат хаосот

Следно

ВИДЕО: Стеф Кари е најдобар „тројкаш“ на сите времиња во НБА лигата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian