Што прави денеска: Милош Андоновски, театарски режисер и професор

4 mins read

Милош Б. Андоновски е компаратист, театарски режисер, професор. Тој е од оние несекојдневни ентузијасти со силна желба за промена на културните полиња на кои работи. Со магистратура на Универзитетот во Кент и поставени неколку претстави (онлајн и во живо), Андоновски е активен и на независната театарска сцена.

Талентираниот Милош денеска ни долови како изгледа едно негово секојдневие.

„Еден мој ден воопшто не личи на денот претходник или пак, на оној што следува. Но, сепак, постојат мигови или сегменти кои се мои, ориентири за тоа каде сум и што правам.
Ранобудец сум, ретко кога имам потреба да спијам до подоцна. Некогаш појадувам дома, некогаш надвор. Некогаш работам од дома, а некогаш ме нема по 12 часа: се среќавам со луѓе на едниот крај од градот, одам на состаноци на другиот крај од градот, возам велосипед, се возам со автобус или пешачам од една точка до друга.

Фото: Милош Андоновски/ Приватна архива

Во слободните денови сакам да самувам. Тоа е време за мене и го користам за процесирање: каде сум бил, што сум сработил, што треба да сработам; го користам за креативна работа, најчесто фаќам некакви белешки, се подготвувам за некои театарски процеси што ги започнувам откако тековните ми завршуваат; го користам за да изгледам некоја (моја) серија или филм, да почнам нова книга…

По неколку недели интензивни театарски проби до доцна навечер, видео-продукција, часови, работилници, денеска е таков ден. Папагалот што го чуваме како нешто да раскажува од кафезот, си дрдори, јас и го слушам и не го слушам. Размислувам за еден прирачник кој долго време сакам да го напишам и си мислам на работната атмосфера. „Работната атмосфера е можеби најважна. И чувството на безбедност во просторијата во која се работи. Секој учесник мора да се чувствува безбедно, сигурно, а наставникот мора да ја обезбеди таквата атмосфера.“ И така, ја создавам структурата на прирачникот во главата, зашто ќе ги почнам првите страници. И мојот ден тогаш, повторно, ќе заличи на нешто друго.

Мислите од прирачникот ми се пренасочуваат кон една серија што ја гледав минатата недела. Се прашувам: кога ќе излезе нова епизода? Денеска? Или утре? Имам потреба да ја гледам, зашто светот на фантастиката е нешто што отсекогаш ме возбудувало. Суштества, магии, вештерки, маѓепсани шуми, грандиозни замоци… Денов ќе биде долг и уште отсега ми годи, зашто ми требаше полнење на батериите. Можеби ќе седнам да допишам дел од проектите што ги започнав пред некое време, а можеби и ќе излезам…

Во секој случај, кога самувам, во слободните денови, доста размислувам.

Фото: Милош Андоновски/ Приватна архива

Вечерите, пораните или подоцните, во зависност од тоа дали сум имал проба или не, се секогаш време да се слушнам со родителите и се време за мене и Марија. Добрата храна ни е ритуал, а потоа некоја (наша) серија или филм, кои ги гледаме со часови: секогаш паузираме, дискутираме и анализираме, заклучуваме, па продолжуваме со гледање. Јас заспивам прв, Марија ми се лути, но и станувам прв за да ја разбудам со утринското кафе.“

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Агуеро во солзи ја заврши кариерата, лекарите му забранија фудбал

Следно

ЈП Лајка оваа сабота организира донаторска забава

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian