Градежната фирма „Бауер“ е казнета од Град Скопје со 88.000 евра поради фрлање шут на јавна површина. Како што велат од Инспекторатот за животна средина на Град Скопје, за САКАМДАКАЖАМ.МК , фирмата „Бауер“ фрлала ѓубре врз цевката од пречистителната станица која треба да се гради.
„Фирмата Бауер е подизведувач во градежните работи за изградба на пречистителна станица.Нивни камион е фатен како истура ѓубре врз цевката, а врз неа не смее да има ништо“, велат од Инспекторатот.
Казната е според новиот закон за животна средина, со кој казните за загадувачите беа зголемени за 20 пати.
„Мора да има системски решенија и секој мора да ги почитува законите кои ќе се спроведуваат неселективно. Град Скопје нема да толерира ниту едно физичко или правно лице кое ја загадува околината и со тоа влијае на загадување на воздухот, почвата и водите, и свесно го загрозува здравјето и животот на скопјани, а секое прекршување ќе биде соодветно санкционирано“, велат од Град Скопје.
Извор: skopjeinfo.mk