Повозрасни лица заглавени во села „оковани“ од снег: Снегот нема кој да го чисти поради пропаднат тендер!

3 mins read

Приближно 25 жители од селото Душегубица, сите на возраст над 70 години, со денови се заглавени поради непроодни патишта дотаму, иако од Кичево се оддалечени и по десетина километри. Поради саботните снежни наноси, но и ниските температури, локалното население не може да добие помош од роднини и пријатели.

Причината за нерасчистувањето на снегот, според Димче Стојкоски, претседател на месната заедница во Душегубица, е нереализираниот тендер од страна на Општина Кичево, со кој треба да се одреди фирма за таа цел.

– Душегубица е само 13 километри оддалечено од Кичево. Станува збор за лица на возраст над 70 години, меѓу нив и мајка ми. Јас пеш одам до селото и назад до Кичево веќе вторпат за да ѝ однесам лекарства и намирници. Патот до селото е прекриен со 70-тина сантиметри снег и е тешко прооден. До вчера немаше струја, но вработени во ЕВН го отстранија дефектот. Ургирав секаде да се помогне, но никој не се нафаќа. Од Општина Кичево ми беше речено дека не можеле нивни екипи да интервенираат во расчистување на снежната покривка по патот бидејќи немале спроведено тендер – вели Стојкоски за „Слободен печат“.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека последните информации од овој регион се дека патот до ова село, но и до околните села, е прооден само за трактори и теренски возила, но не и за автомобили.

– Чистењето на снегот на патот за Душегубица и селата од овој дел на Копачијата е во надлежност на Општина Кичево. Знаеме дека е пропаднат тендерот за избор на фирма што ќе го чисти снегот, но не знаеме кога ќе биде објавен нов. Досега никој не ни се обратил, макар и усно за да помогнеме. Доколку некој тоа го стори, ќе ургираме во Црвениот крст во Кичево да интервенираат на терен и да им помогнат на оние на кои евентуално им треба помош – ни рекоа од ЦУК.

Снегот што во саботата изутрина заврна во Кичевскиот Регион создаде многу проблеми во електродистрибутивната мрежа и во сообраќајот. Најгорливиот проблем го почувствуваа селата од Рабетинска Река, Беличка Река и дел од Копачијата, чии жители повеќе од 48 часа беа во темница.

– Лепливиот и кашест снег што во саботата изутрина наврна во нашиот регион, најмногу проблеми создаде во електродистрибутивната мрежа, зашто беа искинати електроводовите што предизвика прекин во електроснабдувањето. Во дел од овие села, по интензивниот ангажман на вработените од ЕВН, нормализирано е снабдувањето со струја, додека 20-ина села сѐ уште немаат електрично напојување – вели Дашмире Адеми, раководител на подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување.

Петнаесетина села до вчера немаа струја

На списокот на села без струја се селата Рабетино, Дупјани, Крушица, Патеец, Козичино, Светорача, Мало и Големо Црско, Прострање, Кладник, Ехловец, Иванчишта, Малкоец и Попоец.

Од ЕВН соопштија дека нивни екипи работат на отстранување на дефектите и на нормализирањето на снабдување со електрична енергија.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Фон дер Лајен: Омикрон може да стане доминантен во Европа до средината на јануари

Следно

ВИДЕО: Агуеро во солзи ја заврши кариерата, лекарите му забранија фудбал

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian