Фудбалерите на Манчестер сити го декласираа Лидс со 7:0 во натпревар од 17. коло од Премиер лигата. Ова беше вистинска рапсодија во режија на ученикот Пеп Гвардиола против својот омилен учител, Марсело Биелса.
„Граѓаните“ тргнаа офанзивно уште од првата минута и според случувањата на теренот, единствена непознаница беше колку пати ќе се затресе мрежата на гостите.
Гол серијата ја отвори Фил Фоден во осмата минута, а во првиот дел во листата на стрелци се запишаа уште и Џек Грилиш и Кевин де Брујне.
Во вториот дел Де Брујне постигна уште еден гол, а останатите беа дело на Марез, Стоунс и Аке за убедлив триумф од 7:0.
Со оваа победа Манчестер сити барем до четврток му избега на Ливерпул на четири бода, „граѓаните“ имаат 41, додека „црвените “ имаат 37.
Во вториот натпревар, Астон Вила како гостин со 0:2 славеше над Норич. Головите за Астон Вила ги постигнаа Ремзи и Воткинс.