Англиската Премиер лига ја укина забраната на клубовите да потпишуваат спонзорски договори со компании кои се поврзани со нивните сопственици. Овој потег на Премиер лигата ќе му овозможи на најбогатиот спортски клуб на светот, Њукасл да потпишува спонзорски договори со компании од Саудиска Арабија.
Премиер лигата денеска потврди дека ја укина привремената забрана која ја воведе пред два месеци по продажбата на Њукасл на Саудискиот инвестициски фонд (ПИФ) кој е под директна контрола на принцот Мохамед бин Салман и располага со фонд од дури 800 милијарди долари.
Сепак, секој спонзорски договор со компанија која е поврзана со сопственикот на клубот, ќе биде под контрола и под ревизија за да се обезбеди договорите да имаат „фер пазарна вредност“ и да не бидат средство за нарушување на приходите со кои би се овозможило поголемо трошење на трансфери.
Според Премиер лигата, таквите договори ќе бидат под контрола и ревизија на специјално тело.
Привремената забрана беше воведена токму поради Њукасл за кого челниците на Премиер лигата сметаа дека новите сопственици во желбата „преку ноќ“ да го направат тимот конкурентен за трофеите, би потпишале нереално високи договори со државни саудиски компании.
Моменто Њукасл се наоѓа на дното на табелата во Премиер лигата, но за очекување е во зимскиот преоден рок да потроши најмалку 250 милиони евра за засилувања.