Прекрасна вест: Бебето родено на ГАК со 665 грама заминува дома со 2190 грама

3 mins read

По 67 дена поминати на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, со престој на неонатолошките интензивни одделенија, предвремено роденото женско бебе денеска заминува дома во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции, известуваат од Министерството за здравство.

Како што велат оттаму, бебето е родено на 8 октомври, предвремено во 29-та гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 665 грама, со должина од 30 сантиметри, а денеска стручниот тим на клиниката го испиша со 2190 грама телесна тежина. Трудницата, која е прворотка, била хоспитализирана три дена пред раѓањето на бебето – на 5 октомври и во тој период била подложена на предродилен мониторинг и третман. Бременоста ѝ била оптоварена со повеќе ризици, вклучувајќи го слабиот раст и развој на фетусот, односно на плодот во утробата на мајката.

– Нашата најмала хероина во 2021 година денеска првпат ќе влезе во својот дом во велешкото село Јаболчиште, по 2 месеци и една недела поминати на неонатолошките интензивни одделенија на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Тимот лекари и медицински сестри секојдневно ја следеа нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добија сите предизвици кои се испречуваа пред нив, велат од Министерството.

Во периодот на престој на одделенијата на ГАК, новороденото имало комплексен третман, а поради проблеми со дишењето било и на механичка вентилација. Бебето е родено како високоризичен пациент, но било мошне борбено и за цело време имало добар одговор на комплексните третмани кои му се давале на неонатолошките интензивни оделенија на Клиниката. На бебето му биле направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и денеска персоналот на ГАК го испрати од клиниката со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот.

Медицинскиот персонал заедно со министерот за здравство д-р Венко Филипче, кој денеска го посети бебето Бехра, го испратија доенчето дома кај нејзините родители со желби за здраво и среќно детство.

– Изминатите 4 години години постигнавме навистина значајни резултати и сме единствена земја во светот којашто има значајно намалување во вкупната смртноста на родените бебиња. Процентот на преживување на предвремени бебиња значајно се зголеми, односно смртноста од 2016 година кога беше 25% сега е 8,9%. Сето ова е како резултат на севкупното внимание, инвестиција што ги правиме со што го подобруваме третман на родилките и бебињата, како на оние коишто се раѓаат во термин така и на предвреме родените, се вели во соопштението на Министерството.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кандидат за гувернер на Норвешка

Следно

Завршница на скандалот со злоставувани гимнастичарки, жртвите на Лери Насар ќе добијат 380 милиони долари отштета

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian