Женската ракометна репрезентација на Данска е првиот полуфиналист на Светското првенство во Шпанија откако во четвртфиналето со 30:25 го совлада Бразил.
Иако важеше за голем фаворит, Данска до победата дојде многу потешко. Првото полувреме помина во израмнета игра на двете репрезентации, иако Данките брзо дојдоа до предност од три гола (6:3). Но, во финишот од првиот дел, Бразилките израмнија на 13:13, за во последниот напад Трине Остергард Јенсен да постигне гол за 14:13.
Во второто полувреме, Бразилките не можеа да го издржат темпото, концентрацијата во одбраната им опадна, и тоа го искористија данските ракометарки да се направат предност која ги однесе во полуфуналето, кое е прво за нив по пауза од осум години.
Сандра Тофт блескаше на голот на Данска со 18 одбрани, додека во нападот се истакнаа Педерсен со шест и Петерсен со пет постигнати голови. Кај Бразилките, најдобра беше Адријана Кардозо со 10 постигнати голови.
Противник на Данска во полуфиналето ќе биде подобриот од дуелот меѓу Франција и Шведска.